Пишува: Свето Тоевски

Предлогот на Зеќирија Ибрахими, генералниот секретар на албанската партија Алтернатива, за основање „Асоцијација на албански општини“ ако би се спровел во дело, би предизвикал крајно опасни последици за уставниот поредок, унитарниот карактер и посебно за територијалниот интегритет на македонската држава. Таа „Асоцијација на албански општини“ би претставувала во суштина трета албанска држава на Балканот, планирана да се конституира во западниот дел на Република Македонија и потоа заедно со Косово да се припои кон „матицата“ – „Велика Албанија“.

Зад предлогот прикриено-затскриено стојат дословно сите албански партии, било од опозицијата, било да се дел од владејачката коалиција. Зашто, кога станува збор за реализирањето на албанската национално-државна кауза сите албански партии во Македонија уште од почетокот на повеќепартијноста и политичкиот плурализам дејствуваат како своевидно „Албанско национално движење“.

Албанската Етничка Држава“ од 1941-1944

Едно од имињата на оваа „асоцијациска творба“, што се настојува сега да се основа во западниот дел на Македонија, за време на Втората светска војна било „Албанска Етничка Држава“.  Историчарот од Македонија Ќерим Лита има издадено четиритомно издание со наслов „Ослободените земји (1941-1944): збирка на документи“. За ова издание Салајдин Салиху, професор на Филолошкиот факултет при државниот Универзитет во Тетово, во својата статија со наслов „Драгоцена книга за ослободените територии“ вели: „Книгата зборува за периодот кога функционирала ‘Албанската Етничка Држава’ од 1941 до 1944 година.“

Она што историчарот Ќерим Лита го нарекува „Ослободени територии“ на подрачјето на Македонија тоа проф-д-р Ѓорѓи Малковски од Институтот за национална историја преку посочување многубројни документи го означува како „окупација на западниот дел на Македонија, заради припојување кон фашистичка ‘Велика Албанија“. Пренесувајќи ги резултатите од студијата на Малковски за Западна Македонија во периодот 1941-1944 година, во своја статија, објавена од весникот „Нова Македонија“, писателот и публицист Блаже Миневски пишува: „Малковски го истражувал дејствувањето на балистичката организација во Македонија од 1941 до 1944 година. Целта на оваа организација биле целосна албанизација и етнички чиста територија, врз основа на фашистичката платформа од Тирана.“

„Политичко-територијална автономија на Албанците во Македонија – Република Илирида“.

Во предговорот на својата монографија со наслов „Општествено-политички случувања кај Албанците во Македонија од 1990 до 2001 година“, издадена во 2005 година, историчарот од Македонија Зеќирија Реџепи го изнесува второто именување, кое и претходи на денешнава „Асоцијација на албански општини“: „Политичко-територијална автономија на Албанците во Македонија – Република Илирида“.

Во својата монографија Реџепи пишува: „Во текот на распадот на Југославија Македонија се обидуваше да се осамостои како суверена држава. Македонскиот политички чинител не сакаше да го дели суверенитетот на државата со албанскиот народ, кој со векови живеел на своите етнички територии и се обиде да му го наметне концептот на македонската национална држава на албанскиот народ во Македонија. Албанскиот политички чинител остро се спротивстави на Референдумот од 8 септември и усвојувањето на Уставот од 17 ноември 1991 година. Затоа еден негов дел се искажа за распишување независен референдум на Албанците за нивна политичко-територијална автономија во Македонија.“

Историчарот Реџепи споменува два момента, кои се вградени и во политичките програми на секоја албанска партија во Македонија и порано и денес: 1) Албанците со векови живееле на „своите етнички простори“, односно дека се „автохтон народ“ на тие простори и 2) Албанците не го прифаќаат концептот на национална македонска држава на македонскиот народ на територијата на Република Македонија, што беше веќе сторено со државотворните решенија на Првото Заседание на АСНОМ од 1944 година, како и со референдумот за независноста на Македонија во 1991 година.

Повикувајќи се на турските пописни документи – „дефтерите“, пронајдени во турските османлиски архиви, македонските историчари укажуваат дека „на територијата на Република Македонија не постоеле ‘албански етнички простори’, населени со ‘автохтони Албанци“: „Според отоманскиот попис на населението од 1430-1431 година, во Македонија немало воопшто Албанци. Во отоманскиот попис од 1452-1453 година се забележани само 32 албански семејства на територијата на цела Македонија: 31 семејство во вилаетот Калканделен (Полог) и 1 католичко семејство во Скопје.“

Во своето „Обраќање по повод ‘Платформата за решавање на албанското национално прашање на академијата на науките на Албанија“ на 6.4.1999 година Претседателството на Македонската академија на науки и уметности вака ги заокружува овие историографски документарни сознанија: „Точно се знае, според зачуваните турски дефтери, која населба во кое време колку македонско население имала и кога постепено почнала да се албанизира. Тоа добро го знаат и албанските ориенталисти и турколози. Преку доселување од Албанија и од Косово, како и преку огромниот наталитет, албанското население постепено се зголемуваше и го истиснуваше македонското, што продолжува и денес. Поради тоа, ненаучни се констатациите во ‘Платформата’ дека ‘Албанците се токму таму каде што биле во текот на минатите илјадници години’!“

„Албанска национална доктрина“

Македонскиот политиколог Димитар Мирчев укажува дека постои „албанска национална доктрина“ кон Македонија, сеопфатно дефинирана со споменатата “Платформа за решавање на албанското национално прашање” објавена во октомври 1998 година од Академијата на науки на Албанија. Посочувајќи на елементите на таа „албанска национална доктрина“, во својата научна студија „Балканскиот мегаетникум – националните доктрини на македонските соседи“ професорот Мирчев изнесува факти и аргументи, од кои произлегува дека „Асоцијацијата на албански општини“ не е нималку случајна идеја на генералниот секретар на партијата Алтернатива Зеќирија Ибрахими.

Напротив, студијата на Мирчев сугерира дека денешната предложена „Албанска општинска асоцијација“ е надоврзување кон така наречената „Призренска лига“ од 1877-1878 година за „обединување на сите албански простори во една албанска држава –  Велика Албанија.“ Во овој контекст Димитар Мирчев пишува во својата студија: „Платформата на Албанската академија на науки е повторување и обновување на програмата на Призренската лига од 1877-1878 година за  Голема Албанија. Според Платформата на албанската Академија на науки, Македонија е ‘порозна држава’, која се обидува да се ‘одржи на нозе со патерици на меѓународните воени сили’ стационирани на албанските етнички простори и за неа има само две можности: или двонационална држава од типот на АвстроУнгарија, или Албанска автономна покраина во Македонија.“

„На македонскиот народ му беше одземено правото на национална држава“

Во врска со вториот момент, негирањето на правото на македонскиот народ да има своја држава, на кој посочивме во монографијата „Општествено-политичките случувања кај Албанците во Македонија од 1990 до 2001 година“ на историчарот Зеќирија Реџепи, историчарката Виолета Ачковска го констатира следново во својот научен труд со наслов „Државотворноста на македонскиот народ од АСНОМ до Рамковниот договор (1944-2001): „Албанците ги покажаа своите цели уште на почетокот на 1992 година со нелегалниот “референдум” за прогласување на албанска автономна област “Илирида”. По ова уследи новата етапа на борбата на албанските политички лидери во нивната борба за “Голема Албанија”. По оружениот конфликт во август 2001 година во ‘Охридскиот рамковен договор’ во името на македонскиот народ неговите т.н. политички лидери ja потпишаа новата Призренска политичка платформа на големоалбанската идеја. На македонскиот народ му беше одземено правото на национална држава и на она мало парче од етногеографскиот простор, на кое ja формира таа своја држава.“

Во заклучниот дел од оваа анализа се враќаме на сегашноста и повторно на предлогот на генералниот секретар Зеќирија Ибрахими на Алтернатива за „Асоцијацијата на албански општини“. Наспроти обидите да се минимизира, да се маскира она што го кажал Ибрахими, и покрај „уверувањата“ и од другите албански партии дека нема ништо од тоа, сепак професорот по евроинтеграции од тетовскиот Универзитет Муамер Пајазити недвосмислено укажува во својата колумна на тоа, што не се сака да се каже директно и отворено: „Ако добијат Србите автономија во Косово, ќе се отвори можноста за Република Илирида и политичко-територијалната автономија на Албанците.“ Публицистот Ким Мехмети дури и ги критикува албанските партии и нивните лидери: „Албанска Република во Македонија треба да бараат челниците на албанските партии, а не Асоцијација на општини“.

МАНУ: „Да се отфрлат ‘големодржавните’ платформи за прекројување територии и за исцртување нови граници на Балканот“

Колку ќе станува пореална можноста да се основа Асоцијацијата на српските општини во Косово, толку ќе биде поголема опасноста навистина да се пристапи кон конституирањето таква „Албанска општинска асоцијација“ во Македонија. Тоа ќе ќе претставува остварување на дамнешната желба на албанските првенци за „етничка реорганизација“ на македонската територија, односно за поделба на таа територија како во 1941-1944 меѓу Албанија и Бугарија. Сегашната барана „Асоцијација на албански општини“ ќе претставува континуитет на 146-годишната програма на „Призренската лига“ за обединување на „сите албански етнички простори“ во единствена албанска држава „Велика Албанија“, како и на „референдумски изгласаната“ „Албанска Република Илирида“ во 1991 година.

Имајќи ги предвид сите опасности од ваквите „асоцијации“, „лиги“, „републики“ и „големодржавни визии“, повикот на Претседателството на МАНУ од 1999 година денес добива нова актуелност и важност: „Да раскрстиме со злокобното националистичко минато. Треба засекогаш да се отфрлат ретроградните и трагични балкански идеологии за создавање големи балкански т.н. чисти национални држави и покраини, кои ги спротивставуваат балканските народи едни кон други. Сè дури тие идеологии се на балканската сцена во вид на разни платформи за прекројување територии и исцртување граници и за нови разграничувања на овие народи – нема да престанат војните, насилствата и уривањата, егзодусите и преселбите.“

Несомнена е потребата, како што истакна ова Претседателство на МАНУ пред 24 години, „да се оттргне Балканот од стариот пат на националистичките и етноцентрични идеи, што доведоа до толку трагичните балкански крвопpолевања и пустошења и во старата и во новата историја, како и да се отвори нова страница во историјата на Балканот“. Но, исто така е несомнено и правото на македонскиот народ да ја има својата единствена национална држава, како и сите други народи во Балканот, кои од поодамна имаат такви свои држави. Овојпат правото да ја возобнови својата македонска држава, која ја имаше прогласено во 1944 и повторно во 1991 година.

Дали некој мисли дека навистина ќе може на територијата на Македонија да основа своја трета држава под параванот на „Асоцијација на општини“, одземајќи му ја на македонскиот народ единствената држава, што ја има заедно со територијата, на која живее?