„Време е и Брисел и Вашингтон да одредат свои специјални пратеници, кои би понудиле координирани решенија за надминување на ќорсокакот, во кој западнаа Скопје и Софија. Спроведувајќи ‘булдожер-дипломатија’, специјалниот пратеник на САД би понудил попрагматична формула, со која нема да се повредуваат ниту историското чувство на Бугарија, ниту националниот идентитет на етничките Македонци. Продлабочувањето на несогласувањата меѓу Софија и Скопје може да се одрази и на внатрешните етнички односи во с.Македонија, бидејќи повредениот македонски идентитет значи внатрешен конфликт со Албанците. Решавањето на прашањата за малцинствата, јазикот, идентитетот, територијалните прашања, историските спорови, не би било многу важно наспроти другите прашања, вклучително и интеграцијата, кои се од суштинска важност во конкретниов случај. “ – вели професор Скендер Асани, доктор по историски науки и директор на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје, во колумната со наслов „Застојот во бугарско-македонските односи може да се надмине со комбинирана европско-американска дипломатија“, која ја објави весникот на албански јазик „Лајм“.

Асани пишува: „Една од стапиците, во кои западнаа бугарско-македонските односи, е историцистичкиот пристап кон проблемите меѓу двете земји. Сега кога односите меѓу с.Македонија и Бугарија минуваат низ историските витли на 19.век, малкумина од политичарите во Скопје и Софија се подготвени да погледнат во реалноста без очилата од минатото. Идејата за создавање комисија од историчари за решавање на овој спор е непродуктивна. Тие произведуваат повеќе криза и застој преку ‘црвените линии’, кои постојано се цртаат на преговарачките маси. Тоа се и искри, кои инспирираат внатрешни конфликти и се храна за разни националистички доктрини. Погрешно е мислењето дека овие конфликти не можат да се случат, бидејќи овде го имаме НАТО. НАТО ги обезбедува само надворешните граници на земјите-членки, но не и териториите внатре во државите.“

„Продлабочувањето на несогласувањата меѓу Софија и Скопје може да се одрази и врз внатрешните етнички односи во с.Македонија, бидејќи повредениот македонски идентитет значи внатрешен конфликт со Албанците. Ова е лајтмотивот на руската дипломатија, која, успорувајќи го надминувањето на ќорсокакот меѓу Бугарија и с.Македонија, се стреми да го отстрани колку е можно повеќе влијанието на Западот, особено на ЕУ, НАТО и САД на Балканот. Затоа се измислуваат ‘црвените линии’ како главни алатки на евроинтегративните блокади. Треба час поскоро да се прекине со таквиот анахрон и контрапродуктивен пристап, бидејќи тој е пречка на интегрирањето на Македонија во ЕУ. Неинтегрирањето има многу последици, а тоа најмалку им одговара на нашите граѓани, особено на Албанците.“

„Придонесот на историчарите и другите научници треба да усогласен со новиот дух на регионалното разбирање и евроинтегративните процеси. Тоа може да се постигне само ако историографијата се вклучи во прагматизмот на кооперативните политики и во создавањето перспективи за нашите народи и земји. На Бугарија и с.Македонија им е потребна сосема поинаква, помодерна и покреативна диоптрија, меѓусебно разбирање, повеќе отколку сенките на минатото. Тоа може да се постигне само ако се формираат владини комисии за разбирање во Скопје и Софија, кои би го решавале проблемот како процес, а не како историски товар. Клуч за затворање на отворените регионални проблеми е и моделот за надминување на македонско-грчкиот спор. Но, Договорот од Преспа немаше да го има својот сјај без вклученоста на албанскиот политички чинител, кој бил отсекогаш гарант за стабилноста на државата.“

„Политичките олигархии во Скопје и Софија, потпомогнати и од антизападни сили, главно од Москва, измислија разни пречки за запирање на евроинтегративните процеси. Една од тие пречки е преместувањето на политичкиот процес во катакомбите на историјата, што се случува моментно со нерешениот спор меѓу с.Македонија и Бугарија. Официјално Скопје погрешно се потпираше на историјата како сојузник, кој би можел да ја извлече од застојот на напнатите односи со Бугарија. Скопје и Софија цело време го држат погледот во ретровизорите на историјата. Ако надминувањето на ќорсокакот меѓу Бугарија и с.Македонија се гледа исклучиво во светлината на историските спорови и кавги, тогаш односите меѓу двете земји тешко дека ќе напредуваат и заедничката иднина на двата народа ќе биде погребана некаде во рововите од минатите векови.“

„Политичките елити во Софија и Скопје мора да вложат максимални напори за да се ослободат од стапиците на ‘црвените линии’, кои доаѓаат како резултат на историцистичкиот и егоцентричен пристап кон проблемите. Мора да бидат поништени резолуциите на Бугарија и с.Македонија, усвоени пред извесно време од парламентите на овие две држави, кои беа погрешно мотивирани од ретроградниот дух, кој сега бара повлекување на трупите на НАТО од овој дел на Балканот. Нерешавањето на бугарско-македонскиот спор е отворена врата за руското влијание на Балканот“

„Жешките теми од историјата треба да поминат низ бавно вреднување на минатото под оптиката на евроатлантската перспектива. Иднината не треба да стане заложник на минатото. Брисел треба да го охрабри забрзувањето на евроинтеграцијата на с.Македонија. Само така може да се избегнат ризиците од руските влијанија во регионот.“ – заклучува Скендер Асани во својата колумна.