Кризниот данок на Заев од 4,13 денари врз горивата трајно ќе ја зголеми цената на горивата и со тоа новите давачки кои ги наметна лично Зоран Заев и лично оваа расипничка власт на СДСМ за еден литар гориво ќе изнесуваат цели 14 денари. Тоа се пари кои мора да ги плаќаат македонските граѓани, без разлика колку е ниска или висока цената на нафтата на светските берзи, реагира денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

– Токму поради овие нови давачки на Зоран Заев и СДСМ македонските граѓани плаќаат енормно скапи горива, а само во последната година бензините од 50 денари по литар скокнаа на 71,5 денари, а дизелот од 46 денари по литар скокна дури на 63 денари. И ова е факт кој што граѓаните секојдневно го говорат. Толку големо покачување на цената на горивата доколку не беа давачките на Зоран Заев и СДСМ во форма на акцизи и даноци немаше да има – рече Арсовски.

Спроед неговата пресметка, ако едно семејство кое има еден автомобил и месечно трошело еден резервоар гориво, некаде околу 40тина литри, сега со покачувањето месечно одвојува во просек повеќе од 600 денари од она што плаќало претходно.

По формирање на нова влада од страна на ВМРО-ДПМНЕ ќе има целосна ревизија на сите антипазарни политики на СДСМ во форми на даноци, акцизи и сѐ останато кое што директно задира во џебот на граѓаните, најави портпаролот Димче Арсовски.