Арсовски: Министерката за култура да поднесе оставка

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски побара министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска да поднесе оставка по изјавата во која на авторите им препорачува да прават дела кои ќе ги развеселат граѓаните а не такви кои ќе ги враќаат во историскотоминато во кое немало ништо позитивно.

Значи, треба да живееме како во Орвеловата „1984“, цензурирано,вели Арсовски според кој она што го прави власта во моментот е класичен тоталитаризам бидејќи се цензурира говор и се ограничува творечката мисла на уметниците.

„Г-ѓо министерке, дали вие воопшто знаете колку творечки дела, филмови, песни, романи се создадени и се поврзани со тематиката од втората светска војна или историјата на македонскиот народ, која што сега е оспорувана од страна на Бугарија? Дали знаете или не знаете? Очигледно не знаете и тоа е уште поголем срам за вас како министерка.Замислете никој во светот не ограничува творечка мисла на уметниците“,вели Арсовски.

Дополнително, вели дека СДСМ се откажал од сите историски филмови но и од се што е македонско.
„Да биде срамот поголем министерката освен што сугерира забрана на творби со историска содржина, таа дава една бедна квалификација за досегашното творештво на автори како Петре М Андреевски кои имаат историски наратив, нарекувајќи ги мрачни времиња. Да го квалифицирате творештвото на Петре М Андреевски како мрачно, мора да не сте прочитале ниту една книга од него, да не се чувствувате како Македонец и да се срамите од вашата култура. Тие мрачни времиња кои што сега ги споменувате ги живееле нашите предци, за ние денеска да живееме во независна Република Македонија, која што вие како СДСМ и влада се обидувате да ја распродадете“, истакна Арсовски.

Арсовски вели дека министерката нема никаква врска ниту со творештво, ниту со дела, ниту пак со култура и дека нејзината функција е залудна.

„Срамно и бедно! После ваков скандал Стојчевска треба да си поднесе оставка, бидејќи министерка што се срами и ја цензурира сопствената култура, не може да биде министерка на Република Македонија. Срамно и бедно, може да биде само министерка која што одработува за туѓи интереси“,вели Арсовски.