Велат дека човекот што поминал низ многу предизвици е силен во карактерот. Малкумина знаат дека вашиот најголем предизвик се борбата со ракот и здравјето на вашиот син…

Ова е прашањето на кое во интервју за Женски Магазин кандидатката за градоначалник на Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ,Алијанса и Алтернатива открива за пеколниот период кога се борела со тешката болест .

“Тоа беа многу тешки години за мене и моето семејство. Борбата со тешка болест, а едновремено борбата која ја имавме за животот на нашиот син. Ништо не ме формираше повеќе како личност како тој период. Велат дека секоја битка нè прави посилни. Пораснав не само како мајка, туку и како личност. Во тие моменти еден збор не е дозволен – откажување. Мора да размислувате прецизно и да се надминат емоциите за да се донесат одлуки кои значат живот. По се што помина, емоциите се дозволени и тие се присутни постојано. Борба за својот живот и за животот на своето дете во еден момент се премногу голем товар, но сега велам ако не изгубив во таа борба, нема никогаш да изгубам. Научив да се борам и научив дека се е можно ако се борите и никогаш не се откажете”, раскажува Арсовска за тешките моменти.

Во врска со Скопје таа има јасна визија зошто и како треба да се менуваат работите.

“Знаеме каква е сликата во политиката во нашата земја и верувам на никој не му се допаѓа тоа што се случува. Тоа е и една од причините поради кои се кандидирам за градоначалник на Скопје – сакам како човек да покажам дека може да е поинаку. Без политички борби, без политички игри, без политичка реторика – како независен градоначалник и некој кој ќе работи за сите скопјани, сакам да постигнам решенија и видливи подобрувања, во корист на градот и граѓаните, а не на поединец или партија.

На Скопје не му треба градоначалник кој ќе ги гледа градот и скопјани како обврска и товар, туку градоначалник кој ќе им служи на луѓето. Доволно со нашиот град се управуваше без грижа – сите можеме да се согласиме дека живееме во нечист град, кој во текот на зимските месеци е еден од најзагадените градови во светот.

Можеме да се согласиме, дека инфраструктурата не е само застарена, туку на места и нефункционална. Не опкружува сообраќаен метеж, немаме јавен превоз каков што знаеме дека има другите европски градови со оваа големина, а пак проблемите со водоводната мрежа, ги оставаат граѓаните без водоснабдување во делови од градот скоро секоја недела. Не можеме да ги отвориме весниците без да прочитаме најава, кое соседство нема да има струја или вода следниот ден – и сето тоа во Скопје во 21 век. Ова е вистината и граѓаните го знаат ова.

Со лажни вести, погрешни обвинувања, па дури и лични закани, дел од актуелната власт се обидува да го одвлече вниманието од оваа вистина и да ги спречат независните кандидати да постигнат успех.

Тоа е бидејќи знаат дека нивното време заврши. Немам намера да се впуштам во нивните валкани игри, бидејќи тоа е нивно поле, а на сите нас граѓаните ни е преку глава од политикантство, навреди и закани. Одлучив да работам за Скопје и за сите скопјани, да овозможам вистински решенија за модерно и достојно Скопје со кое ќе се гордееме”, вели Арсовска.

Целото интервју на линкот

https://zenskimagazin.mk/najgolem-predizvik-beshe-borbata-so-rakot-i-zdravjeto-na-sinot-danela-arsovska-kandidat-za-gradonachalnik-na-grad-skopje