Директорот на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, Александар Стојковски, на продолжението на 19-та седница на Советот на Град Скопје посветена на советнички прашања, во однос на проблемите со приватните автобуски превозници изјави дека сите фактури кон приватните превозници се исплатени.
„Во период од моето доаѓање, па до овој ден, сите нивни фактури од моја страна се исплатени. Долгот кој ЈСП го има кон приватните превозници е нивно тековно побарување. Ако сметаат дека се пробиени роковите нека поднесат тужба“, рече Стојковски.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на истата седница најави дека ќе има нов јавен повик за приватните автобуски превозници, со цел, како што рече, тие што сакаат да работат да можат чесно да заработуваат.
За долгот и парите што ги бараат приватните превозници кои протестираат градоначалничката ги упати – на суд.
„Си има суд и таму преку тужба ќе се докажува кој кому му должи. Ние немаме опомена од приватните превозници, ниту тужба, затоа не сакам да се маниупулира. Го поддржувам правото на протест со одлуката на приватните автобуски превозници да блокираат улици но штета најмногу трпат граѓаните“, порача Арсовска.
