Арсовска ги обвини за криминал приватните превозници

Според нејзе, во последниве пет години „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ не пријавиле продажба на ниту еден билет, при што според нејзе е направен криминал тежок 10тина милиони евра. Вели дека, приватниците одбивале да добавуваат карти и да ги фискализираат автобусите, па тоа што се наплаќало на граѓаните завршувало незаконски во нечиј џеб.

– Наједноставно, наплаќале билети, тие пари не ги пријавувале, се ставале најверојатно во нечиј џеб, а потоа фактурирале по 400.000 од ЈСП секој месец и оваа шема, добро разработена очигледно, трае цели пет години. Злоупотребите на овие здруженија нема да бидат премолчени, напротив со постапување на институциите овие злоупотреби ќе се спречат со што ќе резултира со покренување на соодветни постапки по изготвување на финалниот ревизорски извештај, рече Данела Арсовска.

Во однос на тоа дали ЈСП ќе може да ја покрие дупката која ја оставија приватниците, Арсовска вели дека претпријатието има капацитет и истиот ќе биде доволен за да се покријат потребите на граѓаните. Дополнително, ќе има нов јавен повик преку кој дел од приватните превозници, кои Арсовска ги нарече чесни, ќе можат да аплицираат и да добијат линија, со тоа што ќе ги исполнат условите на повикот за соодветен јавен превоз.

– Сакам сите манипулации кои што вчера се обидоа овие кои што над 10тина милиони евра ставиле во џеб за да си го скријат сопствениот криминал кој што сакаа да ги презентираат, денеска сакам целосно да го демантирам. Ќе возат овие луѓе кои што се борат за корка леб и кои што сакаат за нивните вработени да си обезбедат и да имаат секој месец да се прехранат, меѓутоа ќе работат чесно, ќе работат со фискални апарати и ќе работат директоно, а не преку овие што ги злоупотребувале во последните пет години и парите ги ставале во своите џебови, рече Данела Арсовска.

Приватните превозници демантираа дека се правел криминал со билетите, велејќи дека никогаш не им ни биле задолжени картички. Вчера тие пред Град Скопје чекаа прием кај градоначалничката за да ги кажат своите аргументи, бидејќи тврдат дека нејзините служби погрешно ја информирале. Бараат да почне да им се исплаќа долгот барем тековно за да можат да функционираат, во спротивно, утре најавија протест и блокади.