Двократниот светски фудбалски шампион Аргентина, предводена од капитенот Лионел Меси, имало можност да гостува во Скопје и да одигра контролен натпревар со Македонија кон крајот на октомври како дел од подготовките за Светското првенство во Катар, пишува бугарскиот портал „Тема спорт“.

Мечот бил замислен како дел од мини тренинг-кампот на „гаучосите“ меѓу 25 и 30 октомври во комплексот „Бојана“ во Софија, во рамките на кој Аргентинците планирале прво да ги одмерат силите со Бугарија.

Фудбалската федерација на Аргентина испратила таква понуда преку амбасадата на својата земја во Софија, но откако не добила брзо одговор, се откажала од намерата светскиот првак од 1978 и 1986 година накратко да „скокне“ на Балканот.

На Меси и на колегите од аргентинската репрезентација пред мундијалот во Катар засега е договорено да им спарингуваат Хондурас на 23 септември и Јамајка четири дена подоцна, двата меча во САД, како и Обединетите Арапски Емирати на 16 ноември во Абу Даби.

Аргентина ќе стартува на СП на 22 ноември против Саудиска Арабија, четири дена подоцна е дербито со Мексико и на 30 ноември дуелот со Полска во групната фаза.