Апсурд е Русија да се мешала во изборите во Македонија, вели Захарова

Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, ги нарече апсурдни обвинувањата за руско мешање во неодамнешните парламентарни избори во Македонија.

„За време на изборната кампања во Северна Македонија беше невозможно да не се забележат низа широко распространети видео пораки од високи западни политичари, вклучително и шефови на влади и министри. Тие, едноставно, отворено и упорно ги поттикнуваа Македонците да гласаат за оваа или за онаа партија. Наспроти ваквите несомнени факти за отворено мешање во работите на странска држава, бескрупулозните и апсолутно неосновани шпекулации за присуство на некаква руска рака на изборите низ целиот свет изгледаат, едноставно, апсурдни“, рече Захарова на редовниот брифинг со новинарите.

Таа истакна дека ситуацијата околу Македонија е класичен пример за примена на двојни стандарди од западните земји.