Заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши за ТВ21 потврди дека е уапсен началникот на смената на преминот Блаце, кој со скриена камера е фатен како бара 20 евра за патниците кои влегуваат во Македонија.

„Внатрешната контрола веднаш по добивањето на веста го уапсила“, потврди заменик министерот.

По апсењето на началникот на граничниот пункт Блаце, акцијата продолжува и се очекува да има и други апсења.

„Одделот за внатрешна контрола во координација со надлежното обвинителство уште од ноќеска интензивно работи на расчистување и санкционирање на случај со земање на мито од страна на полициски службеници на Граничниот премин Блаце.

По расчистување на случајот и санкционирање на сторителите, соодветно ќе ја информираме јавноста“, стои во соопштението на МВР.

Албанската телевизија Клан синоќа во емисијата „Стоп“ објави видео на кое се гледа како раководител на смена на граничниот премин Блаце зема мито од државјани на Албанија кои ја минуваат границата.