Апостол(и) на фингираниот попис – Пишува Роберт Димитриевски

Што среќа имаа Македонците, па од апостолот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев да паднат на апостолот на веселата пописна математика Апостол Симoвски? Кому што му згрешија, па од човекот што светот го разбираше како поле за културен натпревар меѓу народите да дотуркаат до директорот на Државниот завод за статистика, кој пописот го разбира како поле за „културен“ фингерај? И тоа со врзан потпис на заменикот Илми Селами.

Бадијала трошење зборови и барање логика во тоа што треба(ше) да биде обична статистичка операција заради креирање развојни политики, кога „државниот непријател број еден“, како што самиот се нарече, заедно со соизвршителите и со наредбодавачите, направија сè за да ја обесмислат од старт.

Џабе констатирање по милионити пат на мешањето баби и жаби со ставањето во ист кош на резидентното и на нерезидентното население, па извлекување етнички проценти, невидена пракса откога се пребројува населението во современите политички творби наречени држави.

Излишни се и укажувањата дека добар дел од тие 7,2 отсто или 132 илјади непопишани, а вкалкулирани, не беа бојкотирачи, туку не сакаа да ризикуваат среде епидемија од Ковид-19 или, просто, не беа најдени, а можеби ни побарани, од попишувачите.

Башка, како тоа само си ги додадоа на вкупната бројка преку базата на податоци од државните институции, но без етничката припадност наведена во безмалку сите документи што им ги издале истите тие институции преку истата таа база на податоци?!

Нејсе. Сето ова сега е ирелевантно. Договорените бројки и проценти меѓу јавачите на македонската апокалипса се испорачани и оди сега врати го тркалото назад.

Како со „договорите“ со соседите, со референдумот за името и сега со пописот, Се-Де-Се-то и ДУИ-нг бизнис си тераат по свое, како државава да е на татко им. Пет пари не даваат за гневот, пред сè, кај Македонците, кои, како што тргнале, наскоро ќе ги претворат во статистичка грешка додека педантно ја исполнуваат Тиранската платформа. Уште два-три вакви „пописа“ и федерализацијата, како и Платформата, нема да биде само во главите на небањатите.

„Дуо трио“ од ДЗС и булументата подизведувачи на етничкиот инженеринг во жална Македонија никого не изненадија. Дури ни апостолот на афоризмите Самка Ибраимоски, кој ги праша дали се нормални? Само го потврдија тоа што на сите со „три чисти“ совршено им беше јасно уште пред да почнат со пиши-бриши пребројувањето.

Уште појасно е дека ја оставија опозицијата буквално без маневарски простор. Или веднаш јасно и гласно ќе ги отфрли фингираните резултати од коме(н)дијата наречена „Попис 2021“ и ќе најави нов, според сите стандарди и процедури во светот, веднаш штом дојде на власт. Или (непријатно) ќе се изненади од сопствените резултати на следните избори. Трето нема.