За Бојан Јовановски- Боки 13, девет, а за поранешната шефица на СЈО Катица Јанева 7 години затвор – ја потврди денеска Апелациониот суд пресудата за случајот „Рекет“.
Во „Рекет“ Јовановски е осуден за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева за злоупотреба на службената положба и овластување.
Со одлуката на Апелација, пресудата станува и правосилна, по што од Кривичниот суд во Скопје на обвинетите треба да им испратат и упатен акт за во затворот каде ќе треба да ја одлежат казната.
Двајцата во моментов се наоѓаат во домашен притвор.
- Според обвинението, а и првостепената пресуда за „Рекет“, откако во ноември 2018 СЈО ја отворило истрагата „Империја“, биле барани пари од осомничениот бизнисмен Орце Камчев, со цел тој да добие повластен третман, како укинување на притвор, враќање на пасошот, но и евентуално својство на заштитен сведок или склучување спогодба. Обвинителството тврдеше, а судечкиот совет смета дека е докажано, дека од Камчев биле изрекетирани 1,5 милиони евра.
