Апелациониот суд Скопје вчера ја укина првостепената пресуда за случајот „Талир 2“ и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд. Причина, се измените на Кривичниот законик во делот на кривичното дело од член 353 од КЗ.
За „Талир 2“ беа осудени поранешниот премиер во бегство Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, за изградбата на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.
Пресудата за „Талир 2“ Кривичниот суд ја донесе на 7 јуни 2022 година, според која Груевски и Божиновски ја искористиле службената положба и овластување и спротивно на законите за политичките партии и за финансирање, овозможиле склучување договор за градење помеѓу партијата и правното лице „АД Бетон“ и противправно прибавиле објект и имотна корист од преку 132 милиони денари.
Според првостепената пресуда Груевски доби шест години затвор, Божиновски условна, а судот донесе и одлука за конфискација на партиското седиште на ВМРО ДПМНЕ.
„Апелациониот суд Скопје одлучувајќи по предметот КЖ-232/23 познат во јавноста како Талир 2, по одржаната јавна седница на 23.11.2023 година, а на нејавен дел од седницата на 26.01.2024 година, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите Н.Г, К.Б, на ОЈО Скопје и на правното лице ВМРО – ДПМНЕ, сите изјавени против пресудата на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.1413/19 од 07.06.2022 година, а одлучувајќи по жалбите и по службена должност поради измените на Кривичниот законик во делот на кривичното дело од член 353 од КЗ, ја укина првостепената пресуда и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд“, соопштија од скопска Апелација.
Груевски доби и нов 30-дневен притвор сметано од денот на неговото пронаоѓање и лишување од слобода.