По прекинот на работите на проектот за обновување на Светиклиментовиот универзитет на локалитетот Плаошник во Охрид опозицијата бара власта да ги почитува и негува столбовите на македонската култура и идентитет, меѓу нив и древната локација која важи за еден од првите високи школи во Европа.
“Плаошник е културно-историски профан и сакрален комплекс кој ја симболизира кохезијата и симбиозата на духот од цивилизациите континуирано пренесуван од праисторијата до денес. Плаошник е космополитски простор и свето место во кое егзистирале пагански храмови, христијански цркви и исламски верски објекти, сите сплотени и згреани од гејзерите на ова свето тло. Овде, на ова тло, врз основа на вредностите од минатото, запишани во стратиграфијата на земјата и во страниците на книгите, во спомен на големиот охридски, македонски и сесловенски светител Св. Климент Охридски, возобновена е Светиклиментовата црква „Св. Пантелејмон“ и Светиклиментовата Охридска книжевна академија (Светиклиментовиот универзитет) непосредно до и над местото од конаците на Светиклиментовиот манастир, откриени, конзервирани и зачувани во времето на научно-истражувачките археолошки и архитектонски зафати од 1989 – 2017 година.
“При возобновувањето на спомен-објектите кои го симболизираат оживувањето на Светиклиментовиот дух, според сите правила на заштитата на археолошко-архитектонските движни и недвижни вредности, зачувани се сите значајни објекти на теренот, конзервирани, реставрирани и соодветно презентирани надвор или во самите спомен-објекти кои не се архитектонски дозавршени, што значи не е дозавршено и соодветното презентирање на археолошките сведоштва”, се вели во реакцијата – апел на Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ од каде се бара власта да не ги запира и да ги продолжи работите на објектот кој е важна точка на мапата на светските културно – историски споменици.
“Ако се почитуваат повеќемилениумските вредности од минатото и ако се почитува величенственото дело на светителот и просветителот Св. Климент Охридски, сигурно дека ќе се завршат и работите на возобновувањето на спомен-Светиклиментовиот универзитет, онака како што беше замислен и проектиран од Охрид и Македонија, а потврден од специјалистите на ИКОМОС и УНЕСКО”, се вели во реакцијата на Kомисија за култура на ВМРО – ДПМНЕ.
Повеќе за Плаошник во видеото