Антикорупционерите, свесно или несвесно, минатата година направија „превид“, па покренаа постапка против поранешниот шеф на државата, Ѓорѓе Иванов, за назначувањата и именувањата во АРМ по објавувањето на претседателските избори, иако за прекршување на било кој закон, па и на Изборниот законик, Претседателот на државата како уставна категорија подлежи на уставна, а не на управна постапка.
Кривичниот суд уште во септември минатата година побарал од антикорупционерите да достават оригинални докази, што треба да бидат основа за покренување на прекршочната одговорност на поранешниот претседател.
Но, за речиси цела година тие не успеале да обезбедат докази, што требало да дојдат од АРМ, односно Министерството за одбрана. Со оглед дека такви докази немало, Кривичниот суд им удрил нова „заушка“.
Да биде иронијата поголема, антикорупционерите решението на Кривичен не го ни обжалиле, туку одлучиле да го стават во фиока и да го сокријат од јавноста, дознава Пресинг.ТВ.