Анкета: За Србите, Македонците се втор најблизок соседен народ по Црногорците

Македонците им се најблизок народ на Србите од соседните земји по Црногорците, покажуваат резултатите од анкетата на српскиот истражувачко-издавачки центар „Демостат“.

За Македонците се определиле 28 проценти од учесниците во телефонската анкета спроведена од 13 до 22 јуни врз 1.203 испитаници, а за Црногорците 34 отсто.

Зад двата народа следуваат Бошњаците со 21 процент, Унгарците со 20, Хрватите со 14, Романците со 11, Словенците со 9, Бугарите со 8 и Албанците со 4 отсто.

Испитаниците можеле да наведат еден, два или три народа, а процентите се пресметани не во однос на вкупниот број одговори, туку во однос на вкупниот број испитаници, па затоа збирот на процентите е поголем од 100. На прашањето не одговориле 4 проценти анкетирани, само еден народ избрале 46 отсто, два 38, а три 12 отсто испитаници.

Од другите европски народи, пак, Србите за најблиски ги чувствуваат Русите, за кои се определиле 40 проценти од анкетираните, а далеку зад нив се Грците со 9 отсто, Французите и Германците со 8 отсто, Италијанците и Унгарците по 6 отсто итн.