Англичаните уште „плачат“ за пеналот за Македонија (ВИДЕО)

Во Англија сè уште не можат да се помират со одлуката на словачкиот судија Филип Глова да покаже на белата точка по стартот од Рико Луис врз Бојан Миовски, пенал кој Енис Барди од втор обид го претвори во водство за Македонија во квалификацискиот натпревар за Европското првенство одигран прексиноќа во Скопје.

„Тоа беше луда одлука“, смета дефанзивецот Хари Мегваер, чие туркање на Елиф Елмас во сопствениот шеснаесетник претходно не беше санкциониран со најстрогата казна. „Го кажувам тоа веќе неколку месеци: тоа ни ги отежнува животите нам, на дефанзивците. Дури и во Премиер лигата, од недела во недела, играме против напаѓачи со врвен квалитет и не можеме да го поместиме нашето тело. Не можеме да се браниме, не можеме да воспоставиме контакт, не можеме да ги испружиме рацете. Тоа е престрого, премногу лесни пенали. За мене, ова никогаш не е пенал“.

Одлуката на Глова како „многу спорна“ ја оцени и неговиот колега, некогашниот делител на фудбалската правда во Премиер лигата, Марк Холси.

„Бев шокиран што се вмеша ВАР-судијата Михал Оченас и го натера словачкиот судија Филип Глова да ја гледа снимката и на крајот да го досуди пеналот против Рико Луис. Да, Луис го удри Миовски в лице додека тој паѓаше, но тоа не е пенал. Што направи Оченас? Судијата Глова сигурно ја видел ситуацијата во реално време и требало да покаже поголема цврстина кога отишол до мониторот да го поткрепи сопствениот суд. Во исто време, за Северна Македонија можеше да биде досуден пенал порано кога Хари Мегваер го собори Елиф Елмас и јас бев изненаден што ВАР не интервенираше и не препорача втор преглед на ситуацијата“, изјави Холси.

„Контроверзниот пенал“, како што го нарекуваат англиските медиуми, по 45 секунди од почетокот на видеото: