Англискиот младински фудбалски репрезентативец Тиери Смол со крвнички старт предвреме му ја заврши сезоната на Бојан Миовски, кој најверојатно ќе ги пропушти претстојните натпревари на Македонија со Украина во Скопје и со Англија на „Олд Трафорд“ во јунскиот „прозорец“ од квалификациите за Европското првенство.

Во 31. минута од синоќешниот натпревар меѓу Абердин на Миовски и Сент Мирен од Премиерлигата на Шкотска 18-годишниот Смол брутално стартуваше врз левата нога на македонскиот напаѓач, по кој тој беше изнесен на носила од теренот.

Добра вест за 23-годишниот штипјанец е што нема скршеница на глуждот, а дополнителните прегледи на ногата треба да покажат во каква состојба се лигаментите.

„За жал, предвреме ја завршив сезоната со повреда на зглобот, а добрата вест е дека нема скршеница. Утре ќе имам дополнителни прегледи на лигаментите. Ви благодарам на сите за пораките, ќе се вратам посилен“, напиша Миовски на социјалните мрежи.

Смол за стартот (снимен во твитот подолу) доби црвен картон дури по гледањето на ВАР-снимката, откако судијата прво му покажа жолт, а ова е негово второ исклучување во последните четири натпревари!

Миовски, кој сезонава блеска во дресот на Абердин и со 16 гола го дели петтото место во шкотската елитна конкуренција, требаше да биде ударна игла во македонскиот напад пред мечевите со Украина на 16 јуни во Скопје и со Англија три дена подоцна во Лондон.

Абердин го совлада Сент Мирен со 3:0 и ги обезбеди третото место и пласманот во Конференциската лига на УЕФА пред последното коло и гостувањето кај шампионот Селтик задутре.