Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски, би сакал да ги води своите избраници и на Европското првенство в година, но не знае дали тоа ќе му биде овозможено.



„Не би зборувал сега за тоа (за целта на ЕП – н.з.), и тоа од две причини. Пред сè, впечатоците сè уште слегнуваат и би сакал да уживам во секој момент, а како второ, всушност и најважно – ми истече договорот со Фудбалската федерација на Македонија и не знам дали воопшто ќе го продолжам“, вели творецот на најголемиот успех на македонскиот репрезентативен фудбал во интервју за ТВ Арена спорт.

„Што се однесува до мене, расположен сум да работам, но сега сè е на челниците на ФФМ и мораме да ја сочекаме нивната одлука. Дотогаш уживам со семејството, со сопругата Тања, со ќерките Луна и Леа, како и со синот Лука. Тие многу трпеа поради моите обврски и ова се моментите што ни се ппотребни на сите нас“, додава популарниот Мрме.

Ангеловски е шеф на Стручниот штаб на „црвено-жолтите“ од октомври 2015 година, кога на клупата го наследи Србинот Љубинко Друловиќ. Оттогаш ја водеше Македонија на 45 натпревари, во кои таа забележа 20 победи, 10 нерешени и 15 порази, а со триумфот од 1:0 над Грузија во Тбилиси избори историски настап на еврошампионатите.

До дебито на ЕП против Австрија во јуни, Македонија во март ја очекува стартот на квалификациите за Светското првенство 2022 во Катар.

„Германците се фаворити за првото место во групата, а Исланд, Романија, Ерменија и ние ќе се бориме за второто место. Тука е уште и Лихтенштајн, кој не смееме да го заборавиме, бидејќи на секоја екипа треба да ѝ се пристапи со еднакво внимание и концентрација“, нагласува Ангеловски во интервјуто за регионалната ТВ Арена спорт.