Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски, на прес-конференцијата во Тбилиси за утрешниот директен дуел со Грузија за пласман на Европското првенство му се обрати на капитенот Горан Пандев.
„Сакам јавно да му се заблагодарам на нашиот Горан Пандев. Ако некој е заслужен за тоа што сме овде, тоа е само тој што сега е до мене. Точно пред пет години прифати да се врати во репрезентацијата и да го поведе овој тим, во кој јас верував уште од почетокот. Горан, ти благодарам и сакам утре да ги поведеш овие твои и мои браќа до пласман на ЕП“, изјави Ангеловски.
Финалето од плејофот во дивизијата Д од првото издание на Лигата на нациите ќе се одигра утре од 18 часот на „Динамо арената“.