„Во пресрет на јунскиот самит на Европската Унија мали се шансите Бугарија да го крене ветото за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија. На тоа упатува и последната порака, која францускиот претседател Емануел Макрон ја упатил до бугарскиот претседател Румен Радев и македонскиот премиер Димитар Ковачевски во неодамнешниот телефонски разговор, што го имал со обајцата.“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „За кого ќе кукурига галскиот петел?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“’
„Макрон ќе чека ‘да дојде време’ за да се сретне со лидерите на Македонија и на Бугарија за евроинтеграциите“
Таневски пишува: „Откако претходно се соочи со дрското одбивање на бугарскиот претседател Румен Радев да го посети Париз, Макрон сега им пренел на Радев и на Ковачевски дека е подготвен да се сретне со обајцата ‘кога ќе дојде време’, односно кога тие ќе бидат подготвени да потпишат билатерален договор, што ќе овозможи отворање на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Ваквата изјава на Макрон повеќе е на линија на она што претходно го порачуваше Радев, односно дека нема причина да оди во посета на Париз и да се среќава со францускиот претседател кога лично не гледа ‘напредок за отворените прашања меѓу Софија и Скопје’, подразбирајќи под ‘напредок’ прифаќање на бугарските условувања.“
„Во корелација со бугарските условувања е и пораката на францускиот претседател до двајцата лидери околу почитувањето на основните права на граѓаните што изјавуваат дека припаѓаат на други заедници или на малцинства, што е угодување на постојаните заложби, на кои инсистира Софија за вметнување на Бугарите во македонскиот устав. Ова малку веројатно би се однесувало на бугарските власти за признавање на правата на македонското малцинство во Бугарија.“
Дали ‘ќе дојде време’ за француско посредништво кога Македонија ќе ги прифати сите бугарски барања, или македонските пристапни преговори ќе бидат одложени на подолг рок? Аналитичарите, со кои се консултира весникот, сметаат дека тоа време можеби никогаш нема да дојде и дека Македонија треба конечно да се сврти кон самата себе, наместо постојано да очекува да се случи чудо и Бугарија да се откаже од своите хегемонистички намери.“
„Пораката што ја упатува Макрон значи дека Франција не пројавува големо разбирање за Македонија. Ако досега Франција и Макрон сакаа да ѝ помогнат на Македонија, за што имаше објективни услови бидејќи земјава ги исполни сите европски критериуми, требаше жестоко да се залагаат Македонија да ги почне пристапните преговори и својата моќ како предводник на втората најмоќна ЕУ-држава да ја примени врз Бугарија и, освен притисокот да го симне ветото, јасно да каже кои од бугарските барања се неприфатливи.’ – смета универзитетскиот професор Живко Андревски.“
Според Андревски, во Бугарија сега има една мини-трка кој ќе биде поголем Бугарин токму на оспорувањето на Македонија во сите елементи. Негов став е дека е крајно време Македонија да почне да работи на средување на состојбите дома. ‘На тоа треба да се посветиме, а не да чекаме Франција да ни ги решава проблемите ‘кога ќе дошло времето’. Треба човек да се отрезни и да види дека резултатите од другата страна се недофатливи, или далечни.’ – порачува професорот Андревски.“
„Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски нема дилеми дека ова е форма на притисок врз Македонија. ‘Бугарија е членка на ЕУ, притисокот е врз нас. Франција тоа не го гледа вредносно како ние, туку го гледа процесно: ‘Договорете се со Бугарија, за да може да тераме понатаму’. Проблемот е што овдешните политичари го гледаат датумот како цел по себе, но ние треба да зборуваме за членство, а не за датум. Во услови кога Макрон излезе со идејата за ‘европска геополитичка унија’, беспредметно е да се зборува понатаму.’ – истакнува Боцевски.“
Интернет-врска до целата анализа:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/za-kogo-kje-kukuriga-galskiot-petel/