„Нотарските изјави на пратениците се валидни и уставни измени под вакви околности нема да има. Нема да има ниту Влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.“ – истакна Стефан Андоновски, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисија на радио „Лидер“.
„Нотарските изјави се валидни. Пратениците пред два дена потпишаа и, да речеме, афирмација и декларација на ставовите и поддршка за ставовите, кои што ги градиме како политичка партија. А, тоа е дека во вакви околности нема да има гласање за уставни измени. И можам да ги охрабрам и да потврдам уште еднаш дека се валидни. Под вакви околности како што ги имаме сега, а го потврдуваме веќе една година, дека нема да има уставни измени затоа што никој во Собранието не добил мандат да гласа за уставни измени во вакви околности.“ – порача Андоновски.
„Од наша страна предлогот на Ковачевски не беше прифатен, поради тоа што предлогот од таа страна беше уставни измени да почнат, да се влезе во некоја така наречена широка Влада и да се завршат, а потоа да се оди на избори. Од наша страна уставни измени би можеле да бидат на некој начин опција или разгледувани воопшто, ако разгледуваме уставни измени при влезот на Македонија во ЕУ. Тоа беше нашиот коментар на тој предлог.“ – нагласи Стефан Андоновски во емисијата на Радио „Лидер“.
Андоновски додаде дека нема да има Влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
„Се додека не се сменат овие околности, тоа прашање не може да се расправа. За него може да се дискутира, ако имаме промена по аспекти. Првиот аспект е во врска со пресудите од Судот за човекови права во Стразбур, за тоа што Бугарија не е подготвена да ги спроведе тие пресуди. Дури и Судот и Советот на Европа е подготвен да тргне настрана некои од правата и привилегиите, кои што Бугарија ги има во оваа институција, а не се малку. На пример, се зборува за повлекување на правото на Бугарија да предлага судија во Судот за човекови права. Вториот аспект социјално- економскиот пакет, кој што е многу важен за граѓаните, да видат дека навистина ЕУ има намера да и се посвети на Македонија како прашање, оти вистински верува во решенијата, во присуството на македонските граѓани во ЕУ. Третиот исто така многу значаен аспект се гаранциите, кои што треба да стигнат од европските институции за потврдување, ако ги имаат тие веќе ставови, а ние сме сигурни дека другите држави членки така размислуваат, дека македонскиот народ и јазик имаат многувековна историја, имаат идентитетски печат, кој што не е создаден во 1945-тата, не е создаден во 1991, туку има свој нормален развоен пат како и сите други народи.“ – појасни Андоновски.
Тој посочи дека овие три работи очигледно не беа прифатливи за Ковачевски, поради тоа беше ставот на претседателот Мицкоски дека лидерската средба е неуспешна. „Јас можам да се согласам дека е добро што има комуникација и што има средба. Затоа што за некои од овие прашања треба да се разговара“ – рече Андоновски.
Тој истакна дека патот, кој што го има избрано Ковачевски не е вистинскиот и граѓаните тоа го масовно го говорат. Во наредниот период работите ќе стануваат почисти и ќе се согледа кој сака подобро решение, а кој веќе потпишал решение и само гледа и бара начин како да го спроведе.