Страв и паника? Несигурност во одлуката на граѓаните? Најава за највалканата кампања во историјата на која и Гебелс би и позавидел? Што се крие позади максимално организираната акција на провладините медиуми од Македонија и нивните партнери од странство, а со цел „да ги топи“ Македонците пред референдумот?
Вчера целата медиумска камарила на СДСМ во Македонија објави текст со речиси идентичен наслов и содржина: „Викиликс: Груевски прифати Северна Македонија во 2008-ма година“, повикувајќи се на објава на грчкиот „Катимерини“ кој објавува документи од Викиликс, „мистериозно појавени“ баш во овие моменти пред референдумот.
Но сите овие медиуми се чини дека ниту ги погледнале, ниту ги прочитале документите од Викиликс, туку само го пренеле аголот на гледање и манипулативните тези на „Катимерини“ кои имаат навидум првенствено за цел да се пресметуваат со Мицотакис и опонентите на договорот во Грција, но во суштина функцијата е токму оваа: да бидат цитирани од македонски медиуми, десетици портали, телевизии, кои со ова ќе прават вести со кои ќе ја замајуваат јавноста визави престојниот референдум.
„СИТЕ СЕ ИСТИ“
Ова е главната теза која провладините медиуми сакаат да ја протнат, можеби и во координација со нивните пи-ар стратези кои имаат за цел, како што би рекол Таки Фити, да не натераат да голтнеме горчливо апче, после кое со радост ќе гледаме на промената на името, како што гледа самиот Таки Фити после споменатото голтање.
После 16 месеци влада на СДСМ маските паднаа, тендерите „се пуштени на најјако“ и на се повеќе луѓе им е јасно дека со ваква криминогена власт не ја гледаме Европа, без оглед како се викаме – односно дека промената на името нема да го промени Анѓушев, Фондот за иновации, акциите на Вицето, милионските тендери во четири очи во здравство, образование, транспорт и врски… и така натака, и така натака.
Што во таков случај, се запрашале стратезите во Владата, пред претстојниот референдум на кој цензусот е невозможна мисија, па така што повеќе луѓе кои излегле се императив со кој подоцна ќе се оправдуваат сите (нови) прекршувања на процедури, толкување на закони (и референдумот, всушност) по логиката на Мали Џокица и брутално силување на демократијата кое ќе следи периодов, а кое можеби ќе подразбира и „закани по живот“ за 9-те пратеници кои им фалат на 71-ниот „разбојник“ на македонскиот Али Баба, за да во број од 80 луѓе конечно го сменат името на Македонија, според желбата и мерката на Грција.
Токму затоа, во моментов им треба нешто со кое може да го „корумпираат“ ставот на ВМРО-ДПМНЕ за името, односно милион пати повторениот став дека ВМРО-ДПМНЕ не поддржува промена на устав со цел промена на уставното име на Република Македонија.
И иако тоа го знаат не само малите деца од Македонија, туку веројатно и малите деца во Грција и Србија, „Катимерини кивна, про-сдсм медиумите настинаа“. Документот од ВИКИЛИКС на кој се повикува Катимерини, ИЗРИЧИТО ВЕЛИ ДЕКА Груевски не ни помислува ниту разговара за промена на уставното име, туку е согласен Република Северна Македонија да го стави на референдум како име кое ќе го замени ФИРОМ во меѓународните организации, а Република Македонија ќе продолжи да биде уставното име на земјата, кое ќе се користи на сите пасоши, лични документи итн.
И иако овој факт е испишан во првите неколку реда од документот, тоа намерно го игнорираат спомнатите медиуми (односно пи-ар стратези) исполнувајќи ја наредбата „да нагазат“ на членството на ВМРО-ДПМНЕ по логиката: сите се исти, односно, „ете, видете, и вашите апостоли на бранење на националните интереси ве предале“, што ако беше вистина ВМРО-ДПМНЕ ќе се сложеше на промена на името, а не СДСМ денес.
СДСМ САКА ДА МИСЛИТЕ ДЕКА ВМРО Е НА ВЛАСТ И ГО МЕНУВА ИМЕТО
Целата поента на СДСМ со ваквите маневри и манипулации кои ќе ги има се повеќе и повеќе како наближува 30-ти септември е да ви го скрши отпорот, да ви ја убие идејата, да ви ја одземе гордоста и да ве претопи во „коса црта граѓани на република северна македонија“ какви што сте им потребни за да продолжат да ја добиваат сесрдната поддршка од надвор, за да може дома уште повеќе картелот на кланот Заеви, тендермен Анѓушев и другите „разбојници“ на нашиот Али Баба уште посилно да го пљачкосуваат народот, додека во јавност ќе го замајуваат со исти вакви вести – како животот е подобар, како еве само што не сме станале Швајцарија и други безобразни лаги на луѓе без чест и совест, кои знаат дека не може да ве лажат вечно, но сакаат да ве лажат што подолго, додека „го товарат магарето“.
Потоа, тие ќе си заминат како казнети од народот, за што воопшто нема да имаат грижа, па ќе дојде некој друг кој ќе објаснува одново што всушност овие „разбојници“ направија во тие неколку години додека ја држеа власта во Македонија, и колкава штета на државата и нанесоа на долгорочен план.
ЗОШТО ВМРО НЕ ГО РЕШИ ИМЕТО АКО ГЕРО И БОРЈАН СЕ ВО ПРАВО?
Овие наслови („Груевски прифатил Северна во 2008“) пласирани од медиуми кои му слугуваат на СДСМ со години се исти како и тезите од типот „И ВМРО прифати двојазичност, само со ДУИ не се договорија за СЈО“ или „И ВМРО прифати вакво прашање на референдумот, само не се договорија со Заев за амнестија на Груевски“. Примери има многу за вакви медиумски манипулации со кои се замајува јавноста, се фрла црв на сомнеж и после се удира само на тој „црв“ за да стане главна вест и да им ги помрачи критериумите на луѓето што е лага, а што е вистина.
Целта е да се намали тежината/вредноста на оригиналната вест која во случајов е „СДСМ се согласи на промена на името на Македонија“ со префрлање вина на некој друг. Граѓаните се доволно искусни и свесни дека ако ВМРО-ДПМНЕ прифатело ерга-омнес решение во 2008-ма година, Македонија одамна ќе беше членка на сите организации во кои сака да членува. И Заев ќе беше памтен како градоначалник на Струмица и бизнисмен, а не како човек кој решил по секоја цена да ја истурка антимакедонската агенда со која е преокупиран.
ТРАГЕДИЈАТА НА „СЛОБОДНИТЕ МЕДИУМИ“
Тогаш, зошто ваквите медиумски акции со манипулативна цел? Одговорот и не е толку тежок. Имајќи предвид дека Груевски не е премиер од 2015 година, а на чело на ВМРО-ДПМНЕ не е од минатата година, како и фактот дека во очите на цела објективна јавност сета хајка кон ВМРО-ДПМНЕ и Груевски доаѓа токму од фактот што „не ја свиткаа кичмата за името“, ваквите акции се со нула употребна вредност кога е во прашање бројот на нови поддржувачи на референдумот.
Нивната вредност е да се вртат по телевизии и портали 2-3 дена, бидејќи вака изгледаат „слободни и независни медиуми“ кои се слободни и независни колку што е лободно и независно судството во Македонија. Додека се вртат на телевизија, нема да се зборува за милионскиот нов тендер за возачки дозволи во Скопје, ниту за новите тендери во здравство, смртта на децата по македонските клиники итн. Паралелно, ќе им служат на интернет-троловите, на платената односно вработената во влада интернет камарила која има за цел да се бори со растечките антивладини движења на социјалните мрежи, процес кој е нормален и природен, а особено брз кога на власт во Македонија ја имате објективно најлошата влада во историјата.
И ПОТОА ИСТИТЕ ЌЕ ВЕ УБЕДУВААТ ДЕКА ДРУГ ШИРЕЛ ЛАЖНИ ВЕСТИ
МНР Никола Димитров пред извесно време зборуваше со резигнираност за „некои медиуми во Македонија кои ширеле лажни вести кои му нанесувале штета на процесот на интеграција на Македонија“. Истиот Никола Димитров го сликаше Зоран Заев со мобилен телефон додека се поздравува со Доналд Трамп во период од 1,5 секунда, за потоа обајцата да објават дека „Заев имал средба со Трамп на која разговарале за многу работи“. И сега „прататкото“ на лажните вести во македонската висока политика обвинува портали дека ширеле лажни вести. Да не беше трагично, ќе беше нвистина смешно.
Сега имаме грст медиуми кои „за грст жолтици“ без око да им трепне, туку по наредба, штанцаат наслови од типот: „Викиликс: Република Северна Македонија прифатена уште во 2008-ма година“ и притоа не го пренесуваат ниту првиот ред од документот на Викиликс во кој стои дека тогашната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ не ни помислува на промена на Уставното име, односно дека позицијата на партијата е принципиелна повеќе од една деценија. Истите овие медиуми утре ќе го пренесуваат МНР Димитров и заеднички ќе зборуваат и „ќе се борат“ против лажните вести. Што е исто како Саше Политико на својот портал да напише вест дека не е добро да се пцуе во Македонија.
ШТО ПОТВРДУВА СЕТО ОВА?
Првично потврдува дека не е точно дека ВМРО-ДПМНЕ не сакало да најде решение и не било конструктивно, туку напротив, се преговарало, но се имало и усул, постоеле црвени линии, а според документите на Викиликс веројатно тие црвени линии тогаш ги потпишувал и Претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски, како еден сосема друг калибар од денешните трчилажи „разбојници“ од неговата партија. Значи, се работело на решение, но достоинствено и можно решение не се нашло. Што значи, денешното решение е километри далеку од достоинствено.
Второ, денешното решение на СДСМ за промена на уставното име е 50 пати полошо решение од тоа на што ВМРО-ДПМНЕ било подготвено во 2008-ма година.
Трето, манипулациите и валканата кампања на СДСМ на која ќе позавиди и Гебелс, ќе се засилува и ќе ескалира до 30-ти септември. Тоа значи дека „им гори под нозе“, и дека со сите сили и без задршка, со употреба буквално на сите средства, ќе се лажат граѓаните, ќе се оцрнуваат луѓе, ќе се користат медиуми како тоалетна хартија, ќе се злоупотребува присуството на странски дипломати, се со цел да се истурка оваа една и единствена реална точка од програмата на СДСМ (бидејќи денес веќе никој не се сеќава на 500 евра плата): Промена на уставното име и идентитетот на Македонија и Македонскиот народ.
Четврто, и ова се однесува на сите будни, со отворени очи, свесни граѓани кои не си дозволуваат да бидат хипнотизирани од овие „разбојници“ на власт: ви се плашат.
Веројатно има и зошто.
Др. Гугл Аналитикс
(Зад псевдонимот Гугл Аналитикс се крие автор кој е познат на редакцијата на expres.mk. Tој засега ќе пишува под псевдоним)