Македонската Влада во изминативе денови веќе навести и „даночни реформи“, кои поедноставно кажано значат веројатно зголемување на одделни категории на даноците. Во врска со ова во својата економска анализа информативната агенција на албански јазик „Журнал.мк“, посочува на дилемите кои стојат пред македонската Влада: „Поради кризата предизвикана од пандемијата, Владата на Заев размислува како да најде решенија за полнење на државната каса. Идеите што се разгледуваат во Владата се дали даноците треба да се зголемат, дали треба да останат исти, или и да се најдат други начини да се дејствува, заради создавање развој и економски обрт.“
„Журнал.мк“ потоа предупредува: “Во регионот сите земји имаат различни фискални политики. Македонија е речиси над златната средина во споредба со другите земји и затоа секој иден потег треба да биде многу добро осмислен! Зголемувањето на данокот е меч со две острици: ако се зголемат точно е дека ќе се полни државната каса, но тоа ќе ги намали приходите на граѓаните. Дали е ова вистинското време и најдобриот начин да се случи економското закрепнување?! Владата треба да размисли двапати кога станува збор за даноците, затоа што директно ги зголемува трошоците на граѓаните.“
„Не може да се игнорира дека на буџетот му се потребни доволно пари, за да се создаваат политики за зголемување на пазарот на трудот преку поттикнување и градење капацитети, но исто така и преку инфраструктурни линии и создавање околина за воведување современа технологија.“ – смета „Журнал.мк“, посочувајќи што не може да биде решение за полнење на празната буџетска каса на државата: „Зголемувањето на даноците и удирањето по џебот на народот не може да биде решение за долговите, во кои не фрли Заев. СДСМ повторно прави грешка со оваа политика и ја турка Македонија во уште полоша состојба. Најмудрото нешто што оваа Влада може да го стори во овој момент е да ги задржи даноците непроменети, но и да се бори против други негативни појави, кои и нанесуваат сериозни штети на економијата на земјата и го попречуваат економскиот развој.“
„Македонија мора да се бори против неформалната економија, барајќи фирмите да користат фискални сметки, покрај производството да постои контрола и врз услугите, да се води остра борба против корупцијата и во оваа смисла да им се дава простор само на професионалците, за да ја развиваат економијата. Ова значи дека вистинските бизниси, кои се борат на реалниот пазар, каде што нема корупција, да нудат најдобри услуги, создавајќи и повеќе работни места. Ако има корупција, тогаш нема правда на пазарот. Тогаш победува оној што ќе даде најмногу мито, оној што е близок до партијата и кој нема да нуди подобри услуги, ниту да создава нови работни места.“ – заклучува во својата економнска анализа „Журнал.мк“.