Авторот е универзитетски Професор во Анкара, Турција.

Трендови и предизвици во 2023

Светот кој го знаеме до сега како униполарен предводен од Западот исчезна. Живееме во време на длабока трансформација на меѓународното опкружување. Во услови кога мирот е одделен само на едно трепкање со очите од глобалниот конфликт, оваа анализа нема да го следи трендот да ги предвидува можните сценарија за 2023 година и понатаму. Тоа е од причина што геополитиката е бесконечна игра, па затоа потребно е да се акумулира знаење за слабостите, предностите и ограничувањата како сопствените, така и на противниците.

За навистина да разбереме што ќе не очекува во нареднава година и понатаму, потребно е да се вратиме еден чекор наназад да ги погледнеме долгорочните трендови кои ги обликуваат нашите општества со децени, ако не и повеќе, а за кои верувам дека ќе продолжат во 2023 и понатаму.

Во таа насока сметам дека ерозијата на доверба во демократијата, геополитичката борба и когнитивното војување ќе бидат основни причини во 2023 година и понатаму кои радикално ќе го променат нашето секојдневие.

Дополнително сметам дека оваа анализа може да послужи како основа за понатамошна конструктивна дискусија. Лесно е да се демонизира, ама многу е тешко да се справиме со вистината и да најдеме опции за можни решенија.

Ерозија на доверба во демократијата на Западот

Демократијата е силна колку довербата на нејзините следбеници во неа. За жал, во изминативе две декади (ако не и повеќе) довербата во демократијата континуирано се намалува.

За да ја зачуваме демократијата не смееме веќе да ја игнорираме објективната реалност. Прво, демократијата е таа што донесе глобален просперитет и развој во изминативе неколку декади. Затоа вреди да се бориме да ја зачуваме. Второ, елитистичката природа на либералната демократија допринесе за континуираниот пад на довербата во демократијата. Така, двајцата проминентни автори, воедно промотори на либералната демократија Џон Ајкенбери и Фансис Фукујама, во нивната научна работа ќе потврдат дека вистинскиот проблем со либералната демократија е имплементацијата и менаџментот, а не идеологијата и целта.

Понатаму, авторите Роџер Итвел и Метју Гудвин во книгата: „Национален Популизам: Револт против Либералната Демократија“, детално ги анализираат трендовите во западните општества кои доведуваат до пораст на популизмот и недовербата во демократијата. Првиот тренд е недоверба во политичарите и институциите на државата. Со години се провлекува чувството кај народот дека не се доволно застапени барањата на граѓаните во власта.

Во суштина, либералната демократија ја минимизира партиципацијата на народот. Како последица на тоа, во последните декади политичарите се повеќе се дистанцираа од граѓаните со што се зајакна елитизмот, а се намали чувството за општествена одговорност.
Втор тренд е деструкција на националниот идентитет и начинот на живеење. Овој страв од деструкција е околу верувањето дека либералните политичари, транснационалните организации и глобалните финансиски гиганти го еродираат националното чуство со промоција на масовна имиграција и половата ориентација.

Во исто време „политички коректна“ агенда, е насочена кон замолкнување на секоја критика и опозиција.

Третиот тренд е релативно лишување од заслужениот финансиски бенефит и чуство за посигурна иднина. Овој страв е базиран врз перцепцијата дека неолибералната глобална економија ја зголеми нееднаквоста во примањата и поделба на бенефитите во корист на политички и бизнис елити. Ова кулминира со чуство на несигурност и немање просперитетна иднина.

Четвртиот тренд е неусогласеност помеѓу мејнстрим политичките партии и народот. Краток е периодот кога либералната демократија имаше политичка стабилност силни политички партии со лојални гласачи. Денес, политичката сцена е нестабилна и фрагментирана и нема лојални гласачи. Се има чуство на хаотичност и се помала предвидливост. На овој начин се менува политичката култура, а тоа значи дека овој тренд ќе продолжи во иднина.

Овие трендови мора да се анализираат заедно. Секое одвојување значи генерализирање, а тоа води кон погрешни заклучоци. Овие трендови директно влијаат на тоа како западот гледа и го разбира геополитичкото опкружување и сериозно влијаат врз процесот на донесување на одлуки.

Геополитички натпревар на големите сили

Денес, Соединетите Американски Држави – САД со Европа (Западен блок) и Кина со Русија (Источен блок), од другата страна, се натпреваруваат за глобално влијание во сите сфери. Денешниот натпревар, јас би рекол борба помеѓу големите сили, покрај глобалното влијание и технолошката доминација, пред се е конфликт на перцепции за светскиот поредок. Овој натпревар многу се разликува од првата Студена војна по неколку основи. Војната во Украина е почеток на конфликтот помеѓу двата блока бидејќи Русија јасно даде до знаење дека нема повеќе да ги толерира либералите на својата граница.

Во исто време, блоковите со ниту една активност не покажува дека се спремни да ја прекинат војната, односно меѓусебниот конфликт. Секој обид на експертите вклучувајќи и реномирани докажано успешни дипломати како Хенри Кисинџер, кој ќе се обидат во западните медиуми да образложат зошто е потребно помирување, не само што не добиваат медиумски простор, туку се демонизираат и делегитимираат. Ова значи дека не очекува многу долг конфликт.

Сето ова укажува дека хаосот кој ќе го остават пред да се договорат како ќе ја делат моќта САД, Русија и Кина нема да биде нималку сличен со исходот од првата Студена Војна.

Пред да се предвидат било какви сценарија потребено да се дадат неколку одговори. Прво, никој од либералниот свет нема дефинирано што денес значи да се победи Русија?! Второ, дали нуклеарна сила може да биде победена? Трето, како се гледаат противниците меѓусебно, како достоинствен противник или потценувачки?

Да почнеме со последното прашање. Се чини дека либералниот свет не ја смета Русија за достоинствен противник бидејќи Русија не успеа да изгради компетитивни капацитети со САД. Во оваа насока е опишана Русија во извештајот за натпреварот помеѓу големите сили до Конгресот на САД во Ноември 2022 година.

Додека Кина ја сметаа за потенцијален противник кој има капацитет да го менува геополитичкото опкружување. Од друга страна, Русија се гледа како еднаква сила со САД која заслужува глобален респект. Ваквиот јазол на перцепција најдобро го објаснува авторот и експерт за теорија на игри, Џејмс Карси. Во теоријата на игра има два типа, бескрајна и конечна игра.

Во оваа геополитичка борба САД и Европа се конечни играчи, бидејќи опседнати како да се порази Русија во војната Украина. Додека Русија и Кина се бескрајни играчи бидејќи од крајот на првата Студена Војна до денес повторно се вратија на сцена да се конфронтираат со САД. Тоа значи дека траба да се очекува дека Русија нема лесно да се откаже од ново окупираните територии во Украина. Исто и Кина, нема да се откаже од земање на голем дел од глобалното влијание на САД.

Имајќи предвид дека и двата блока се нуклеарни сили, се поставува прашањето дали нуклеарна сила може да биде поразена. Оттука се појавува итноста за непристрасна конструктивна дискусија за одредување што е пораз, а што победа во моменталната геополитичка борба.

Когнитивно војување

Когнитивно војување е нова и најопасна закана особено за западните општества бидејќи ги користат слабостите на општеството за да ја зголемат политичката поларизација, социјалната и етничка поделеност и економска нестабилност.
Технолошкиот напредок креираше нов домен на војување покрај петте воени домени, земја, вода, воздух, космос и сајбер.

Когнитивниот домен е производ на комплексноста на војувањето, геополитичкиот натпревар и технолошката интерконекција. Комуникациската поврзаност како и употребата на социјални медиуми направија когнитивниот домен да биде дел од петте постоечки домени на војување како и растечки посебен. Хартли и Џекбсон во нивната книга „Когнитивна Супериорност“, покажуваат дека технологијата креира нова форма на когнитивно расудување, експоненцијално зголемување на човечкото знаење, нови заедници на знаење како и пристап до информации.

Когнитивното војување е испреплетено со различните погледи кон светот, големите стратегии и метанаративи за моќ, дипломатија, трговија, едукација, наука, метанаука како потребата за доживотно учење. Ја обликува довербата, социјалната припадност, вредностите, идентитетот и моќта. Примарна цел на когнитивно војување е да сее недоверба, преставува конфликтни наративи, го поларизира мислењето и општеството, ги радикализира маловентни групи и ги мотивира да го нарушат или поделат кохезивноста на општеството. На овој начин покрај традиционалните закани ќе доминираат внатрешните закани од домашно насилство, цивилна непослушност, недоверба во власта и институциите на државата, домашен тероризам, етничко насилство, рапидна поделба на општеството.

Дури и напредните демократии како САД не се отпорни на ваквиот начин на војување. Најдобар пример за сеење недоверба е дека сеуште милиони Американци веруваат дека Претседателските избори во САД во 2021 се наместени. Многу експерти веруваат дека ова не е поврзано со конгнитивното војување. Но, сепак овој настан спаѓа во оваа категорија бидејќи кој и да бил креаторот на идејата, Американец или некој друг државен или не државен актер ја постигнал целта, го подели американското општество.

Во време кога на дневна основа сме преоптоварени со информации кои не можеме да ги процесираме многу е лесно да станеме жртва на селектирани и специјално дизајнирани информации кои ќе влијаат на нашите когнитивни способности за да постигнат одредена цел.

Овие трендови се поврзани меѓусебно. Заеднички делуваат врз рационалното донесување на одлуки. Доколку нема доверба во демократијата и институциите на државата како ќе се спротивставиме на авторитарните режими. Во време на висок интензитет на натпревар помеѓу Запад и Исток, доколку догматски веруваме дека треба да победиме во бесконечна игра, тоа води кон заклучок дека треба да се очекува преземање на неетички активности само да се издвојува победа.

Дополнително технолошкиот развој на комуникативна интерконекција го предизвикува когнитивното расудување кое дефинитивно може да се употреби за сеење недоверба во демократијата, да наведе на погрешни чекори преку давање конфликтни наративи за погрешно да го разбереме начинот на игра во геополитичкиот натпревар.