Предлог-законот за амнестија нема да биде повлечен од Министерството за правда или да биде предложен со европско знаменце, доколку тој биде блокиран во Собранието со 3.000 амандмани како што најави опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Цениме дека за сите забелешки од политичките партии има можност пратениците да изнајдат решенија преку амандмани, да се интервенира во предложениот текст со единствена цел законот успешно да помине во Собрание.
Од почеток ставот на министерот за правда е дека Законот за амнестија нема да се предложи со европско знаменце и надвор од Собранието нема да се бара решение“, одговориле од Министерството за правда за Радио Слободна Европа.
Лошите услови во затворите, пренатрупаноста и неможноста за ресоцијализација беа наведени како причини за поднесување на предлог законот за амнестијата.
Доколку биде донесен предлог-законот, тоа ќе биде осма амнестија од независноста на државата.