Американски јавен медиум Радио Слободна Европа кој е финансиран од американскиот Конгрес отвара уште една срамна афера која води до врвот на ДУИ поточно со луѓе блиски на првиот вицепремиерот Артан Груби а преку него и до лидерот Али Ахмети.
Радиото Слободна Европа на македонски јазик објавува сторија за младиот Фљамур кој нема ни 20 години а веќе добива огромни државни тендери вредни стотици илјади евра.
,,Последен договор кој Државна лотарија го има склучено месецов е за купување на апарати за коцкање. Ќе ги набавува компанија која порано работела во дејноста архитектура, со седиште во кумановско Липково. Со промената на името, адресата и дејноста, добива и нов сопственик, 19 – годишниот Фљамур Невзатовски.
Тендерот на Државна лотарија за набавка на апарати за коцкање што го добила компанијата „АП Солутионс“ тежи 204.825 евра”, објавува РСЕ чии новинари продолжуваат да го истражуваат закупот на Државна лотарија тежок 2,6 милиони евра со компанија блиска на ДУИ.
,,Откриваме дека пред „Хеј ДООЕЛ“ да склучи договор за закуп со акционерското друштво, управител на компанијата била Натура Груби Бела, која всушност е братучетка на вицепремиерот Артан Груби.
РСЕ откри уште една компанија, „Медиа Гроуп ДООЕЛ Тетово“, блиска до „Арбериа Десигн“ која добила тендер во Државна лотарија. И двете компании до неодамна биле регистрирани на иста адреса во Тетово, а склучиле посебни договори за јавни набавки со Државна лотарија и тоа во ист ден.
Молкот е единствениот одговор кој го добивме од Финансиската полиција на прашањата дали освен милионскиот закуп на Државна лотарија, предистрагата е проширена и кон компаниите на блиски и роднини на „Арбеира Десигн“ кои добиваат тендери во акционерското друштво.
Фразата дека годините се само бројка е употреблива и во бизнисот. Таков е примерот на 19 годишниот кумановец Фљамур Невзатовски кој од неодамна е и млад претприемач.
Во негова сопственост е компанијата „АП Солутионс“ која за потребите на Државна лотарија ќе набавува лотариски терминали – апарати за коцкање.
Склучениот договор на компанијата со акционерското друштво е последен кој стои објавен на Бирото со јавни набавки. За сума од 12.598.425 денари или 204.825 евра, компанијата на Невзатовски треба да набави 95 терминали. Нивната единечна цена изнесува 126.300 денари по еден терминал.
Увидот во целокупната документација на компанијата во Централниот регистар на (17 ноември) покажува дека Друштвото за програмирање, маркетинг, трговија и услуги „АП СОЛУТИОНС ДООЕЛ“ увоз-извоз Скопје, го добила новиот назив на компанијата на 19 април 2023 година.
Од основањето во јануари 2018 година до пред шест месеци, била заведена под името „Друштво за проектирање, дизајн, градежништво, трговија и услуги ФДЕСТАНИ АРХИТЕКТ ДООЕЛ увоз-извоз с.Лојане Липково“, со регистрирана дејност во архитектурата. Променето е и седиштето на компанијата од селото Лојане, Липковско во скопски Аеродром.
Во старата фирма сопственик и управител бил Фатбард Дестани. Основачкиот влог е во вредност од 307.500 денари, но, во непарични средства. Влогот во основната главнина се состои од канцелариска опрема.
На 19 април 2023 година, со промената на името и адресата на компанијата, Фатбард Дестани доставил понуда до Фљамур Невзатовски за преземање на нејзиниот основачки влог. Истиот ден, тој е прифатен и преземен од Фљамур Невзатовски. Веќе од 25 април, Невзатовски станува единствен основач и управник на „АП Солутионс“, објавува Слободна Европа.
Целото истражување на овој линк
Фото: Изменета графика на РСЕ со додавање на Груби и Ахмети