НАСА објави дека американски астронаути, пак ќе слетаат на Месечината но тоа ќе се случи најрано во 2025 година – една година подоцна од очекуваното, објави Еуроњуз.
Дректорот на НАСА, Бил Нелсон, рече дека американскиот Конгрес не обезбедил доволно средства за развој на систем за слетување на лунарната програма „Артемис“ и дека се потребни повеќе пари за капсулата „Орион“.
И новата технологија за костими на астронаутите, исто така, мора да се ажурира пред да стапнат на Месечината.
„НАСА е посветена да помогне во обновувањето на авторитетот на Америка во светот“, додаде тој, наведувајќи дека поради кинеската амбициозна и агресивна вселенска програма Кина би можела да ги престигне САД во истражувањето на Месечината.
Последното слетување на астронаутите на НАСА на Месечината беше во 1972 година. На земјиниот сателит досега стапнале вкупно 12 луѓе.
