Амбасадорот Зоран Дабиќ, претседател на Македонски дипломатски синдикат е еден од најискусните македонски дипломати кои немаат ниту една дамка на својата кариера и вршеле важни и одговорни функции а кои сепак се на удар на власта на СДСМ и ДУИ.

Амбасадорот кој беше и македонски амбасадор во седиштето на НАТО во Брисел и се смета за еден од најзаслужните за поканата за влез во алијансата, сега се соочува со бркање од работа од Министерството за надворешни работи затоа што е предмет на политички прогон и реваншизам од страна на власта иако тој не е партиски член или симпатизер.

Дабиќ деновиве ќе седне на ,,политичка обвинителна клупа” односно ќе излезе пред дисциплинска комисија во МНР каде треба да одговара за неговите оценки за работата на МНР како претседател на Македонскиот Дипломатски синдикат.

Ова е прв пат во историјата на една НАТО членка претседател на дипломатски или било каков друг синдикат да биде гонет од власта за јавно дадени оценки.

Expres.mk побара интервју со амбасадорот Дабиќ како прв човек на Македонскиот Дипломатски синдикат кое ви го пренесуваме во целост.


Што ве натера, како еден од нашите најискусни и најуспешни дипломати, кој врвот на својата кариера го остварил како амбасадор во ОБСЕ и ООН (Виена) и НАТО (НАТО), на крајот на својата кариера да се посветите на синдикален ангажман?

По моето враќање од мандатот Шеф на Мисија во НАТО, Брисел, каде што со успех го одработивме добивањето покана за членство во Алијансата и завршување на пристапните разговори, по налог на тогашниот министер Никола Димитров бев деградиран на најниско ниво и целосно тргнат од сите работни процеси во МНР. Целта беше комплетно да бидам изолиран и тоа одеше дури до таму што во нашата архива ми беа уништувани и поканите што доаѓаа на мое име за приеми и културни настани во странските амбасади во Скопје, со цел да не ми бидат доставувани.

Пред три години, во еден момент ми пристапија дваесетина помлади дипломати со молба да прифатам да станам претседател на новооснованиот Македонски дипломатски синдикат.

Во тоа време ја привршував мојата докторска дисертација и не ја прифатив веднаш поканата. Во меѓувреме дознав дека најголемиот дел од оваа група биле дипломати кои требало да бидат упатени на мандат во странство (многу од нив по прв пат), но упатувањето било еднострано спречено од тогашниот министер Димитров, иако кандидатите ги поминаа сите законски процедури и само чекаа да добијат билети за пат.

Сватив дека не сум сам во ваквата приказна, а принципот на правичност кој што ми е всаден од мали нозе и нивниот револт силно влијаеа врз мене и најмногу придонесоа да се одлучам да ја прифатам поканата и така станав првиот претседател на МДС. Денес, четврта година по ред МДС е активен чинител и строг критичар на раководството на МНР во борбата за реализација на економските, социјалните, здравствените и професионалните права на вработените во Министерството.

Вашиот синдикат континуирано се залага за враќање на дигнитетот на дипломатската професија. Зошто сметате дека угледот на нашата дипломатија е нарушен?

Дипломатијата е многу сериозна и прилично конзервативна професија. Таа има стриктни правила на протокол и однесување, јасна хиерархија и неопходни се специфично високо образование, начитаност и дипломатско искуство. За создавање добар дипломат се потребни најмалку десетина години и затоа добар дипломат е скапа работа. За жал, последните неколку години најтесното раководство на МНР се повеќе пројавува тенденција да се дистанцира од најискусните и не го користи нивното драгоцено искуство.

Дипломатската работа во МНР се сведува на Министерот и неговите најблиски соработници во Кабинетот, кои многу често ниту го имаат потребното искуство ниту познавања.
Ова резултираше со драстично опаѓање на мотивацијата за работа, растечко незадоволство и личен отпор кај многумина колешки и колеги, заради несоодветниот непрофесионален однос кон нив.

Тој отпор највидливо се манифестира преку одбивање на 90 проценти од вработените да го почитуваат дипломатскиот дрес код, па така, на работа доаѓаат во фармерки, патики, маички и сл. Веројатно сме единствена земја во светот каде што дипломатите се облекуваат неконвенционално и спортски. На тој начин, тие во крајна линија изразуваат непочитување кон своите колеги, странките од странските амбасади и кон дипломатската професија во целина.

Елиминирањето на дипломатите, особено најискусните, доведува и до слабеење на нивото на професионалните проценки во МНР по редица прашања. Не поминувајќи низ дипломатски филтер, многу важни прашања потпаѓаат под субјективен став на министер или неговите најблиски советници, што секако ја намалува тежината на анализите и преземените активности во министерството. Со други зборови, МНР така полесно станува подложно на грешки.

Она што сепак е најстрашно е неподносливото ниво на партизација кое ги премина сите граници. Некритички безмилосно се вработуваат партиски кадри, се користат законски дупки за експресно напредување и преминување на повисоки позиции без потребното знаење и искуство, со што едновремено се поттикнуваат клиентелизмот и поделбите на „подобни“ и „неподобни“.

Сведоци сме на обиди за упатувања на профили како ТВ презентерки на највисоки дипломатско-конзуларни функции во странство и на упатувања на надворешни помлади лица на престижни конзуларни функции во странство каде што се бара огромно животно и професионално искуство, а тие тоа го немаат. До нашиот синдикат е допрен глас дека има и случаи каде што лица давале значителни суми на пари за да заминат на амбасадорски функции, што е скандалозно, но можеби објаснува неколкумина навистина чудни случаи.

Кога на тоа ќе додадете историја на бркања од работа, дисциплински мерки и како резузлтат на тоа голем број судски процеси од вработените против МНР кои што вработените еден по еден ги добиваат, станува појасно зошто дипломатијата ни спаѓа на ниски гранки. Затоа и не не чуди се посилната реакција на јавноста дека дипломатијата ни е некомпетентна, непрофесионална па и неписмена.

Никаде во светот, колку што ми е познато, немало случај дипломатите да се оградуваат од министер за надворешни работи, па дури и да бараат негова оставка. На што се должи ваквиот став на МДС во однос на министерот Бујар Османи?

Дипломатите се обврзани да ја реализираат надворешната политика на земјата. Тука нема „солирање“, инструкциите се инструкции и мораат да се почитуваат без оглед дали дипломатот интимно се согласува со нив, или не. Но, начинот на водење на министерството, на нашата професионална куќа, е нешто што сите нас не засега. Во МНР нема трајна поделба на работници и работодавачи, туку со време добар дел ротираат и во двете категории. Професионалните стандарди се нешто што сите не засега и македонскиот дипломатски синдикат се грижи за нивна пристојна примена.

За жал, ниту министерот Димитров, ниту Османи, не ги имаат согледано важноста и влијанието на синдикалниот ангажман, туку повеќе дејствуваат на авторитарен начин. Вистина е дека Законот им дава големи права, но тие сепак не се робовладетели кои располагаат со животите на потчинетите.

Огромен број на наши барања, на линија на подобрување на професионалните стандарди, економската и здравствената состојба на вработените, по правило остануваат неодговорени. Мислам дека министрите патат од некој вид синдром дека доколку се извинат за сторена грешка или прифатат сугестија ќе испаднат помалку вредни за почит. Тоа е еден доста примитивен „мачо“ став кој воопшто не кореспондира со реалноста. Тоа е прашање за кое министрите ќе морат да се соочуваат самите со себе.

МДС жестоко реагираше кога МНР Османи изјави дека тнр. Француски предлог бил разгледан, одн. анализиран од страна на најискусните дипломати. Тоа е апсолутно неточно. Внатрешните реакции во МНР беа големи, зашто министерот си зеде за право да манипулира со вистината за да си обезбеди каков-таков параван за своите одлуки. Не е чесно во животот да се криеш зад туѓи имиња и ниеден функционер не смее да биде заштитен од вакви злоупотреби на службена должност. Секој способен политичар треба да има интегритет и морална цврстина и достојно да стои зад своите ставови. Политичарите се по дефиниција подложни на критика и тие треба да знаат да ги примаат и да се справуваат со нив.

Исто така, негативен одиум доби и несреќната изјава на МНР Османи дека ќе се појават етнички тензии доколку не се прифати тнр. Француски договор. МДС очекува од првиот дипломат да биде глава на куќата која што ќе дава стабилност и смиреност, а не да внесува паника и закани. Тоа не можеме да го прифатиме и поради тоа побаравме оставка од Османи на место министер за надворешни работи, кој со ова самиот се прогласи недостоен за ваква висока позиција.

Дали со бескомпромисниот однос, членовите на македонскиот дипломатски синдикат си ја загрозуваат својата професионална позиција ?

И покрај силните прокламации за демократија, човекови права и сл. ние сме сеуште далеку од овие идеали. Кај нас сеуште владеат суетата и желбата за одмазда, па така членовите на МДС секако чувствуваат последици од својот синдикален ангажман. Кој повеќе, кој помалку, но добар дел е дистанциран од работата, не се прашува за анализа, не патува на службени патувања во странство, а заминувањето на мандат во странство станува многу отежнато. Ние имаме случаи каде што неколку наши членови биле уценети да излезат од МДС доколку сакаат да напредуваат во службата или да бидат упатени во странство. Некои и имаат подлегнато на вакви уцени.
Се разбира, ова нема да не поколеба до крај да истраеме во своите заложби.

Во неколку прилики рековте дека во МНР се незаконски создадени паралелни структури. Можете ли подетално да го појасните ова?

Согласно систематизацијата на МНР, работата зависно од темата ја носат соодветните директорати. Така, имате на пример директорат за ЕУ, за НАТО и безбедност, за европски и воневропски земји, за конзуларни работи и тн. На чело на целата структура што е под директоратот стојат директорите кои треба да се мотори-носители на работата и на пониските ешалони под нив.

Последните два министри, Димитров и Османи, незаконски и надвор од официјалната систематизација, ги имаат претворено своите кабинето во центри на несразмерна моќ, создавајќи паралелна структура на споменатите дирекорати. Практично, директорите сега се доведени во положба да комуницираат со министерот многу поретко, а целата работа и кореспонденција со министерот да ја обавуваат преку ваквата паралелна структура, одн. надлежните од Кабинетот за ЕУ, НАТО итн.

Ова е направено се една единствена цел, а тоа е централизирање на позицијата на министерот и несразмерно јакнење на неговата контрола и моќ.

Она што е штетно по дипломатијата како последица, особено на подолги патеки е маргинализирањето на директоратите со целата структура на систематизацијата под нив. Тоа значи намалување на улогата на директорите кои стануваат второстепени актери, губење од хоризонтот на помладите дипломати кои забавуваат во напредувањето и кариерата, освен доколку не развијат изразени клиентелистички способности и диспропорција во дипломатското ткиво, што пак од своја страна доведе до внатрешни тешки поделби помеѓу вработените. Многу години ќе треба овие поделби да се надминат и сегашните рани да се залечат, а дипломатијата да го врати своето место како специфична и достоинствена професија.