Горчливиот впечаток од очајниот настап во првата групна фаза на 28. Светско првенство во Полска и во Шведска ракометната репрезентација на Македонија малку го ублажи со победата од 40:25 против Алжир на стартот од т.н. Претседателски куп во кој разигруваат за пласман од 25 до 32 место.

Првиот од трите (северно)африкански ривали во групата во Плоцк послужи за зацелување на дел од раните од Краков и тоа најдобро го искористија голманот Никола Митревски, чии 11 одбрани и еден гол му го донесоа признанието за играч на натпреварот, а во нападот пикерот Жарко Пешевски со 7/7 пред да го повреди прстот на раката.

Дејан Манасков застана на 7/10, а шансата ја искористија младите – десниот бек Давид Савревски со 4/4, како и средниот бек Игор Ѓорѓиев, десното крило Ненад Костески и пивотменот Марко Стојковиќ, сите тројца со по 4/5.

Следна пречка на мундијалот за избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе биде Тунис в сабота од 18 часот, термин во кој в понеделник „црвено-жолтите“ првпат ќе се сретнат со Мароко.