Алтернатива не гледа никаква причина Алијанса за Албанците да стане дел од владиното мнозинство и нема намера да отстaпи министерство во полза на опозициската партија. Ако премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети договорат влез на Алијанса во Владата, СДСМ и ДУИ ќе треба да отстапат од своите ресори, вели за „Слободен печат“ генералниот секретар на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими.

Со ова Ибрахими ги потврдува информациите дека Ковачевски допрва ќе треба да го убедува владиниот партнер, претседателот на Алтернатива Африм Гаши, Алијанса да се приклучи на владејачкото мнозинство.

– Ако им веруваме, а јас не би сакал да не им верувам, на премиерот и на претседателот на Алијансата за Албанците дека во петокот разговарале за интеграцискиот процес и за борбата против корупцијата, мислам дека сè уште нема никаков друг контекст за припојување на Алијансата кон владиното мнозинство. Всушност, мнозинството е истото од лани ова време кога Алтернатива се приклучи на Владата, па затоа не гледам која би била причината за влез на некоја друга партија во Владата. Единствено ново е стравот на ДУИ да не остане без „огнените“ пратеници. Во тој случај ДУИ ќе бара некоја резервна гума, а дали Алијанса ќе прифати да биде тој елемент, тоа е нивна одлука – вели Ибрахими.