Алтернатива и ДС: На кого и зошто му треба Алијанса во Влада!?

Од политичката партија Алтернатива сметаат дека нема потреба да се преговара со Алијанса за Албанците за влез во Влада, и оценуваат дека улогата на оваа партија во Владата би била „да го амортизираат расколот во ДУИ“. Од Алтернатива сметаат и дека е логично оној што е во неволја, да отстапи дел од владините ресори што ги води.

„Логично е тој што е во неволја да биде подготвен да надомести со ослободување на дел од ресурсите што моментално ги води. … не ја прифаќаме тезата дека поради тоа што Алтернатива има помалку пратеници од Алијанса, мора да плати политичка цена со кадровски отстапки. Секој што заборава дека пред само 12 месеци, Алтернатива беше клучен фактор за спас на Владата и со тоа овозможи разговори со ЕУ, всушност го поткопува и загрозува коалицискиот потенцијал на проевропските сили во Македонија. Ако политичкиот договор со Алтернатива не се почитува до крај, зошто некој друг би верувал дека вреди да се здружи со тие што не ги исполнуваат обврските“, посочија вчера од Алтернатива.

Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов вчера пред состанокот на премиерот Димитар Ковачевски со лидерите на коалициските партнери изјави дека ќе поддржат реконструкција на Владата само доколку се обезбеди соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници, што е во согласност со Амадманот 6 од Уставот.

„… Во спротивно не сме подготвени како партија да прифатиме уцени. Таа партија што има проблеми со парламентарната група треба да ја плати цената.

Сега ДУИ има шест министерски места. Ако сака нов партнер, тогаш треба да отстапи две места. Тоа би било во ред.

„Не сум против. Јас сум за принципи да владеат во државата. Апсолутно мене не ми пречи ниту Алијанса. Веројатно, и таму има добри кадри, но треба да се почитуваат принципите коишто се воспоставени во државата. Во спротивно, како што реков, ќе има последици. Преседанот може да предизвика нови последици во понатамошниот период“, рече Трајанов.

Без изјави заврши доцна синоќа работната вечера на премиерот Димитар Ковачевски, со претседателите и други високи претставници на парламентарните партии со кои СДСМ заедно настапи на последните парламентарни избори и кои се дел од владината коалиција.

Премиерот Димитар Ковачевски на Фејсбук објави за што се разговарало.

„Во пријатна атмосфера разговаравме за активностите во претстојната 2023 година, за мерките и политиките на Владата за справување со глобалната енергетска криза, економскиот развој и енергетската транзиција, за имплементација на владината програма, реформите за европскиот пат и чекорите за обезбедување европска иднина за државата“ гласеше единствениот коментар кој го објави премиерот Ковачевски на социјалните мрежи.

Средбата се одржа во период кога СДСМ и ДУИ заговараат „европска коалиција“ за изгласување на уставните промени кои ги бара францускиот предлог и се поизвесното влегување на Алијансата на Албанците во владиното мнозинство.