Државната ЕСМ утре нема да достави понуда на тендерот на ЕВН Хоум за електрична енергија која треба од Нова година да ја добиваат домаќинствата, објави Алсат. Иако утре истекува рокот и на третиот тендер, владата се уште не донела одлука по која цена државните електрани ќе ја продаваат струјата на Универзалниот снабдувач за домаќинствата. Од ЕСМ за Алсат велат дека се уште работат на формирање на цената и бараат можност за покривање на потребната енергија за домаќинствата за идната година. Но додаваат дека не се сигурни дека тоа ќе го постигнат.
„Се бара решение да се определи цена која нема да предизвика голем ценовен шок, а сепак ќе ја задржи стабилноста на компанијата“, велат од ЕСМ.
Дека состојбата е повеќе од сериозна покажува денешната одлука на Владата која од пратениците во собранието бара да се продолжи кризната сосотојба со енергетиката во Македонија во следните шест месеци. Властите признаваат дека постои намалено домашно производство на електрична енергија и скапа струја која ја набавуваат на берзите, но засега не откриваат по која цена државната ЕСМ ќе ја продава струјата на Универзалниот снабдувач која ја користат домаќинставата.
„Во постојан пораст се цените на енергенсите на светските берзи, освен тоа постои и недостаток на електрична енергија така што сите овие аспекти ќе бида земени во предвид кога ќе се носи одлуката“, рече Душко Арсовски, портпарол на влада.
Владата не знае да се справува со енергетската криза во земјава, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Опозиционерите бараат да се обезбедат пари за сите општини кои од почетокот па се до крајот на енергетската криза се соочиле со раскинување на договорите од страна на снабдувачите.
„Најпрво, бараме да се предвидат 250 милиони евра за субвенционирање на електрична енергија на граѓаните и компаниите за да се спречи дополнителен ценовен шок и инфлација“, рече Владо Мисајловски – ВМРО-ДПМНЕ.
Првичните најави за зголемување на цената на струјата од девет отсто веќе се зголемија за двојно. Сега се зборува за зголемување на струјата за 20 проценти, но нема официјлана потврда на овие информации. Се шпекулира и дека евтината тарифа на струјата ќе се укине од Нова Година, пишува Алсат.