Менаџерите на „Алкалоид“ добија нов 6 годишен мандат и дадоа отчет за сработеното досега при што особено се истакнува тоа што профитот е удвоен, а консолидираната продажба зголемена за 60 отсто. И што е најважно за инвеститорите дивидендата од 2015 до 2021 година растеше просечно годишно со стапка од 12 отсто!

„Алкалоид“ постави нов стандард во македонската корпоративна историја, овој пат по начинот на информирање на јавноста за поставувањето на старо-новиот менаџерски тим односно управниот одбор на друштвото.

Кратко, јасно и прецизно без непотребни флоскуси и прави фрази компанијата ја извести јавноста дека акционерите им дале нов 6 годишен мандат на досегашните менаџери: Живко Мукаетов, Милица Глигорова, Ѓорѓи Јованов, Ќире Ицев и Виктор Стојчевски.

Акционерите мандатот им го довериле заради тоа што успеале во период од 6 години континуирано годишно да ја зголемуваат дивидендата за 12 отсто. Тоа е најважниот аргумент за акционерите кои покажуваат дека овој тим заслужува целосна доверба и нов мандат.

Во периодот што е зад нив (од 2015 до 2021 година) малата и одбрана чета на Мукаетов успеа да ја зголеми консолидираната продажба на „Алкалоид“ за 80 милиони евра (лани била 207,6 милиони евра, а 2015 година била 127,6 милиони евра). А при тоа низ тие години да ја удвои добивката на друштвото која лани достигна 21,1 милиони евра.

А тоа секако се одрази соодветно и на дивидендата на компанијата која лани изнесуваше 396 денари, а пред 6 години била 207 денари.

Овие се бетон-аргументи заради кои „Алкалоид“ е златната акција на Македонската берза и токму заради горенаведеното не треба да се читаат ниту фундаментални ниту технички анализи.На сето сработено досега од менаџерите и од работниот колектив на „Алкалоид“ и не би било нескромно, а е вистинито да се каже дека ова е најдоброто од Македонија!