Англискиот фудбалски премиерлигаш Лидс јунајтед објави дека не се согласил со македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски за продолжување на договорот што му истече на 1 јули.

„И покрај тоа што клубот му понуди на Џани да остане, не успеавме да постигнеме согласност со неговите претставници и неговиот договор истече минатата седмица“, соопштија од клубот што заврши на деветтото место на табелата во минатата сезона, во која 29-годишното лево крило што игра и како бек одигра 36 првенствени натпревари.

Во четирите години на „Иланд Роуд“ по доаѓањето од швајцарски Лугано, Алиоски забележа 171 настап и постигна 22 погодока за Лидс.

„Знаев дека Џани ќе биде посебен во моментот кога зачекори во зградата. Емоцијата што ја видов на неговото лице и на лицата на неговите родители кога го потпиша договорот тука на ‘Иланд Роуд’ беше прекрасен момент и бев сигурен дека тој ќе даде сè за Лидс јунајтед. Дури и со ова на ум, тој ги надмина моите очекувања“, изјави директорот за фудбал Виктор Орта.

„Џани беше исклучителен на теренот и надвор од него, многу ќе им недостига на неговите соиграчи, како и на Стручниот штаб. Му благодариме на Џани за сите негови напори и му посакуваме успех во иднина“, додаде Орта за стрелецот на гол за Македонија во дебито на Европското првенство, кој минатата година му помогна на Лидс да се врати во Премиерлигата по 16 години.