Имаше еден Али, Али. Скратено од Али Хасан абд ал-Маџид ал-Тикрити, попознат како Хемичарот Али. Политичар и воен командант за време на Садам Хусеин, кога ги извршуваше функциите министер за одбрана, министер за внатрешни работи и шеф на ирачката тајна служба. Прекарот го добил за користење хемиско оружје против Курдите, според обвинението по кое е осуден на смртна казна со бесење, извршено во 2010 година.

И Македонија има еден Али, Али. Се презива Ахмети. И тој беше воен командант, само што нему влакно не му фали од главата, иако неговите борци убија 75 македонски војници и полицајци во 2001 година. За тоа не е ни (о)суден, камоли на смрт, напротив, доби амнестија како дел од хашкиот предмет „Водството на ОНА“ и формира партија што оттогаш досега само две години не беше на власт.

„Нашиов“ Али никој не го вика нагалено Хемичарот. Можеби поради тоа што повеќе би му прилегало – Алхемичарот Али. Посебно откако лаконски понуди решение на проблемот што досега никому не му успеа да го реши, дури ни другар му Заев, и покрај уште поголемото „виткање на кичмата“ во споредба со тоа кон јужниот сосед.

„Ние прифаќаме да го вклучиме бугарското малцинство во Уставот“, ќе порача Ахмети на предновогодишната средба со новинарите, додавајќи дека „ова прашање сега е усогласено“. Првото прашање што се наметнува е: кој тоа „вие“ прифаќате? ДУИ, Албанците, власта? Второ, кој ви дал такво право? Трето, ја консултиравте ли експертската јавност? Конечно, ги прашавте ли другите набројани во Уставот, пред сè, Македонците, што мислат за тоа?

„Се надевам дека ова прашање ќе се реши во деновите или во месеците што следат, но под услов ниту од нашите, ниту од бугарските власти да не се политизира и да не се вметнуваат емоции, бидејќи тоа е тема која сама по себе е емотивно прашање“, ќе додаде Ахмети.

Да не се вметнуваат емоции, а? Лесно е да се каже тоа кога не те засега лично тебе и твојата националност. Ќе зборуваше ли така Али ако беа оспорени идентитетот и јазикот на Албанците? Или со Шкодране Дарлишта ќе ги извадеа чизмите од таван и пак ќе заминеа в планина? Но, овој пат не заради новопечената зелена агенда на ДУИ…

Зачудува и надежта за брзо надминување на проблемот на Софија со Скопје. Внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е само последниот, дополнителен услов, од бугарскиот план 5+1 за симнување на ветото за почетокот на преговори на Македонија за членство во Европската унија. Што е со другите пет, докторе Ахмети?

Со сиот свој багаж, Али е последниот во државава со морално право нешто да прифаќа, и тоа во име на друг. Посебно по „надградената и проширена“ имплементација на Рамковниот договор и речиси целосното спроведување на Тиранската платформа. Што би рекол Тоше, „немаш ни благодарам“.

Ахмети имаше две децении за барем да се обиде да создаде некаква хемија во односите меѓу Албанците и Македонците во земјава. Наместо тоа, со неподнослива леснотија си поигрува со чувствата на вторите додека (ги) убедува дека стоте стапа само врз нивниот грб се – за нивно добро. И на државата. Чиста алхемија.