Поканети беа 400 гости, а на промоцијата на документарниот филм „Патот на Кобра до ѕвездите“ за македонскиот фудбалски великан Дарко Панчев во хотелот „Александар палас“ во Скопје присуствуваа уште неколку стотини, кои на нозе го проследија видеото за некогашната „златна копачка“ на Европа.
Колкава е големината на еден од најдобрите напаѓачи на просторите на поранешна Југославија и клупска легенда на Вардар и на Црвена звезда покажа присутната плејада фудбалски мајстори, меѓу кои Пикси, Савиќевиќ, Бошко Ѓуровски, Стојановиќ, Биниќ, Маровиќ, Рингов, Најдоски, Станојковиќ, Канатларовски, Димитровски, Спасовски…
Аплаузите и овациите по 78-минутната проекција само го потврдија пиететот кон спортската ѕвезда на Македонија што далеку ги надминува нејзините граници.
Филмот е вовед во серијалот од шест епизоди за животот и кариерата на најславниот лик од улица „Пушкинова“ во скопската населба Кисела Вода, кој ќе биде емитуван на телевизискиот канал Спорт клуб.