Делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена пд потпретседателот, Александар Николоски ќе присуствува на одбележувањето на Илинден во Крушево. Партиската делегација во Скопје, пак, ќе ја предводи потпретседателот Владо Мисајловски. На Пелинце во меморијалниот центар „АСНОМ“, делегацијата ќе ја предводи пратеникот Бране Петрушевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека партискиот лидер, Христијан Мицкоски, ќе биде присутен во струшкото село Ташмаруништа и дека таму ќе одржи говор.

Денеска Мицкоски изјави дека делегација на ВМРО-ДПМНЕ нема да биде дел од „циркускиот церемонијал предводен од претседателот Пендаровски“, одговарајќи на прашање дали ќе одат на настанот што го организира претседателскиот кабинет во Крушево.

На ова реагираше претседателот Пендаровски кој наведе дека е крајно непријатно изненаден од квалификацијата на Мицкоски. „Не се памети, години наназад, дека некој наш политичар искажал толку длабоко непочитување кон најголемите херои“, реагираа од претседателскиот кабинет.

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со новиот концепт кој го најави претседателот за централното одбележување на Илинден во Крушево според кој Пендаровски нема да одржи говор.