Албанскиот претседател Илир Мета објави фотографија на својот профил на „Фејсбук“ на која се гледа дека „летал орли“ за време на посетата на Битола.
„Многу искрена средба со Албанците од Меџитлија (Битола), најоддалеченото село што се граничи со Грција. Го делиме уверувањето дека за нив доаѓаат подобри времиња, со новите изгледи за членство на Македонија во НАТО и започнување преговори со ЕУ следната година. Благодарност до сите оние кои останаа во тешки времиња како Албанци и гордо го задржаа националниот јазик, чија азбука беше основана во Битола за да ги обедини Албанците насекаде“, напиша Мета.
Мета беше во Битола на одбележувањето на 110-годишнината од Битолски конгрес, на кој во 1908 година била стандардизирана албанската азбука.