„Албанскиот фактор“ во Владата да реагира за муралот во Куманово за полицајците од Диво Насеље бара партијата на Меџити

Партијата Демократско движење на Изет Меџити побара од „албанскиот фактор“ во Владата да реагира за муралот во Куманово со пораката „Хероите живеат вечно“ во чест на полицајците што учествуваа во неутрализирањето на терористичката група во Диво Насеље на 9 и 10 мај 2015 година.

„Во ова време, кога политичката сцена на Северна Македонија е длабоко потресена од скандали и корупциски афери, вакво дело лесно може да биде проследено со контрареакции, со кои може да има и меѓунационални тензии, бидејќи она што се случи во 2015 година во Диво Насеље во Куманово не само што остави лош вкус, туку и остана необјаснето до крај.

Демократското движење апелира до надлежните органи да бидат внимателни со ваквите постапки, бидејќи никому не му прават чест. Особено не сега, кога многу прашања останаа нејасни, многу прашања треба да се решат и за тоа е потребен рационален пристап. Конкретно, албанскиот фактор во Владата мора да реагира, бидејќи проблемот е чувствителен и многу емотивен“, се вели во реакцијата.

Во дводневната полициска акција во кумановско Диво Насеље на припадниците на Единицата за специјални задачи „Тигар“ и на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) пред осум години загинаа 8 и беа повредени 37 македонски полицајци. Во акцијата беа ликвидирани 14 терористи, а 36 беа уапсени.