Албанци кои живеат во Лондон денеска излегоа на протест во знак на незадоволство од навредливата изјава на министерката за внатрешни работи Суела Браверман која зборувала за „инвазија“ од мигранти во земјата, јавија албански медиуми.

Протестот се одржа во близина на Парламентот, а учесниците носеа транспаренти преку кои порачаа „Ние работиме, ние плаќаме даноци”, „Суела треба да се протера во Руанда”, „Суела кажува лаги” и „Горд сум што сум Албанец”.

Како што јави дописничката на МИА од Тирана, албанските емигранти кои живеат во Велика Британија ја обвинија тамошната влада дека ги злоупотребува за да ја оправда „неуспешната” имиграциска политика во Британија и го критикуваа Министерството за внатрешни работи порачувајќи му дека тие влијаат на безбедноста на земјата.

Весникот „Дејли мејл”, кој редовно информира околу ова прашање, објави дека во средата со силно обезбедуван лет биле депортирани 22 албански криминалци и илегални мигранти на таен лет до Тирана.

Летот бил лично овластен од министерката за внатрешни работи, Суела Браверман, во обид да ги одврати Албанците да влегуваат во Британија преку преминување на Каналот со мали чамци од Франција како економски мигранти, а не како баратели на азил.

Весникот „Дејли мејл”, кој редовно информира околу ова прашање, ги пренесува реакциита на протестот при што Албанците наведуваат дека дошле во Британија за подобар живот и дека е неприфатливо да бидат етикетирани како „бандити или крадци“.

Рама: Британија да не ги обвинува Албанците…

Критикувајќи ја изјавата на министерката, што според него е разочарувачка и навредлива, албанскиот премиер Еди Рама рече дека во Велика Британија живеат 140.000 Албанци и оти над 70 отсто од нив се интегрирале во британското општество.