Владата на една држава се поставува на таа челна позиција, за да се грижи за живеењето на народот, на сите граѓани, за да се грижи да функционираат добро и правилно институциите на уставно – правниот, политичкиот и економскиот систем во интерес на севкупното општество. Ако односната Влада не ги исполнува овие основни цели, заради кои и располага со политички легитимитет да опстојува на кормилото на државата, тогаш таа нема оправдување да продолжи со своето (не)функционирање. Имајќи ги предвид сите овие основни функции и обврски, актуелната Влада на Република Македонија по ниедна основа нема повеќе ниту политички ниту морален легитимитет да продолжи да опстојува. Нејзиното останување на чело на државата сите граѓани на Македонија го плаќаат со десеттици свои насилно уништени животи, со стотици лекари, медицински сестри и други висококвалификувани кадри избегани во странство, со илјадници млади луѓе, исто така, принудно заминати во туѓина, го плаќаат со милијарди евра украдени народни пари…

Оваа Влада, која и не е Влада, туку група на квазиполитичари вдадени само по грабање од македонските национални богатства, уште од самиот почеток, откако е насилно поставена од странски центри на политичка моќ, гази врз политичката волја на македонскиот народ и спроведува идентитетски геноцид врз него со „Преспанскиот договор“ и со Договорот за „добрососедство“ со Бугарија. Владата дејствува непријателски и врз сите граѓани на оваа осиромашена, испокрадена и пеплосана држава, сега воведувајќи ги во деветтиот круг на „економскиот пекол на Данте Алигиери“ откако цената на струјата, превозот и сите животни производи и услуги започнуваат да се вивнуваат во небо со откачувањето на спиралата на инфлацијата.

„Давам – не давам оставка“ на Зоран Заев, преговарањата со опозициската Алтернатива заради нејзино влегување во Владата и заради оформување на парламентарното мнозинство, кое не постои, оти, всушност, нема 61 пратеници, е само мајтапење со волјата на мнозинството граѓани, и Македонци и Албанци и од сите етникуми, кои со исходот од локалните избори јасно покажаа дека бараат нова Влада. Исто така, и мнозинството граѓани – Албанци ја искажаа својата волја и ДУИ да биде тргната од владејачката коалиција и да замине во опозиција. Овие избори покажаа дека Владата е дефинитивно делегитимирана, но мнозинството граѓани – Македонци јасно порачаа дека не само што не сакаат повеќе да го видат Заев на позицијата премиер, туку и ниту СДСМ да продолжи да изигрува владејачка партија. Таа нема повеќе никакво право да одредува нов мандатар. Постои веројатност дека Зоран Заев се обидува да продолжи да владее „од сенка“, многу веројатно е и оти Ковачевски прифатил улога да му биде „продолжена рака“. Меѓутоа, најновата навалица на нови кандидати за челната позиција , како и различните струења во СДСМ ја прават потешко остварлива оваа кадровска комбинаторика на Заев.

Мајтапење посебно со Македонците е преговарањето со Бугарија да го кренела ветото од евроинтеграциските преговори. Какво значење има за обичните граѓани, ако и се даде тој фамозен „датум“? Ќе им го подобри ли тој нивниот животен стандард, или еврократите и натаму со Македонија ќе го бришат подот во чекалницата во Брисел, како што го прават тоа веќе 16 години, доделувајќи препораки, препораки…? Архитектурата на Европската Унија силно ја разнишуваат внатрешните караници меѓу државите – членки, несогласувањата да се примаат нови членки, потоа и судирот меѓу ЕУ – централата во Брисел со Полска и Унгарија.Во ваква ситуација е јасно дека приемот на Македонија во ЕУ не бидува ништо за долги години. Но, и Бугарија и Грција секогаш будно ќе „дежураат“ ЕУ да биде далеку со светлински години од Македонија.

Околу европските стремежи и две суштински прашања од македонска гледна точка: 1. Им требаат ли навистина евроинтеграциите на владејачките македонски политичари кога се знае дека ЕУ првин бара владеење на правото, борба против корупцијата, криминалот? Или, тие исти политичари само декларативно со полни усти повторуваат „евроинтеграции, евроинтеграции, датум датум“, а поправо работат воопшто да не се случи тоа? 2. Дали и како би можело во официјалната надворешна државна политика да се вгради фактот, потврден и со референдумот од 2018 година, дека мнозинството на македонскиот народ и не ја сака Европската Унија, оти не сака Македонија да се интегрира во оваа и ваква ЕУ, која им повладува на Грција и Бугарија во нивните стремежи да се избришат автентичната македонска историја, идентитетот и јазикот на македонскиот народ? Дека Македонците сакаат Македонија да биде дел од Европската Унија, но трансформирана како сојуз на суверени нации со свои признати и респектирани национални идентитети и јазици?

Што да се прави натаму? Како да се отстранат Владата и нејзиниот премиер Заев од кормилото на македонската држава? Како да се спречат „мнозинско – пратеничките“ „дворски игри“ низ кабинетите и ходниците на Владата, но и во Парламентот? Како да се сопрат заевизмот и смртоносниот хаос, кој се случува во Македонија? ВМРО ДПМНЕ е главната политичка сила, која што може и мора да предводи во изнаоѓањата одговори на претходните прашања. Досегашните напори беа безуспешни, но, на политичките партии од опозицијата им останува обврската, која им ја дадоа мнозинството граѓани, час поскоро да ја остварат бараната промена во врвот на државата. Опозицијата мора да внесе нов динамизам на овој план, да развие нови активности. Тука авторот чувствува потреба да нагласи дека овие редови не се пишувани по нарачка на која било политичка партија, туку оти тие произлегуваат од сопствена објективна политичка анализа на случувањата во Македонија со примена на квалитативната политичка методологија.

Може ли да се тврди со сигурност дека нема поодделни пратеници и политичари и во владејачката коалиција, кои не се свесни за катастрофалната политичка и социоекономска ситуација, во која е втурната оваа држава, кои веројатно се уште само молчат, но подготвени да кажат свое „не“ на сегашното владеење со Македонија? И тие имаат членови на своите семејства, свои роднини и пријатели, кои можеби не се сите со плата од по илјада евра месечно и од кои можат секојдневно да чујат колку е мачно да се живее во Македонија. Оттука, ВМРО ДПМНЕ треба да скрои нова поефикасна стратегија за обединување на сите сили, кои ќе можат да доведат до пресврт, со поостар настап во Парламентот, без преголема конструктивност и со применување на сите методи на парламентарната и воопшто на политичката борба.

Колку побргу ќе биде поставена нова Влада, експертско – политичка, дури и без да се чека на одржување нови предвремени парламентарни избори, колку побргу ќе се започне со амортизирањето на страотните удари врз живеењето на сите граѓани и со оспособувањето на институциите да профункционираат не во полза на политичките елити, ами на обичните луѓе, толку побргу и Македонија ќе може посоодветно да се постави наспроти жестоките воено – политички турбуленции на меѓународната сцена, кои можат многу бргу да преминат од вербална во акциона фаза.