Цуцуловски бара впишување во Уставот и на Марсовците по логиката со Бугарите

Професорот и филозоф Љубомир Цуцуловски го коментира на Фејсбук инсистирањето за впишување на Бугарите во Уставот како начин за да се направи дистинкција со Македонците.

„МАРСОВЦИ И МАКЕДОНЦИ. Некои умно-умни глави упорно ја форсираат тезата дека, ако Бугарите се вметнеле во Уставот, ќе се обезбедела јасна дистинкција меѓу Македонците и Бугарите. Односно, тоа би значело дека се различни народи/нации. Инаку, зошто би се спомнувале? Следејќи ја оваа логика, дојдов до следниот ‘предлог/решение’: во Уставот да се набројат (без исклучок!) сите живи и мртви нешта, за да можат Македонците да се разликуваат од сите живи и мртви нешта. Од друга страна, можеби во космосот постојат и Марсовци. Затоа, и тие да се опфатат, бидејќи Марсовците би можеле да имаат свои аспирации кон Македонците, како кон неосвестени Марсовци, несвесни за своето марсовско потекло, историја, традиција, јазик. Значи, сè живо и мртво (може и диво!) да се вметне во Уставот, како неопходен услов за влез во ЕУ. Потоа, што биде, нека биде. Само така, почитувани, се гради држава“, заклучува Цуцуловски во свој стил.