Актуелниот закон за оружје е ,,болна” тема во Македонија во изминатите 15-тина години. Илјадници граѓани сведочат дека МВР ги одбива нивните барања за одобрение за набавка на оружје неосновано, со банални изговори, наспроти сите исполнети законски услови за добивање на одобрение!
И кога конечно почнаа измени на овој закон, за што најмногу се залагаше Ловечката Федерација на Македонија се случува сценарио кое најмалку им одговара на македонските ловци кои ги има до 100 илјади.
За мерките на владата на ова поле expres.mk разговара со Претседателот на ЛФМ, Влатко Алексовски.
Каков е резултатот од иницијативата за промена на законот за оружје која власта ја прифаќа но не според ЕУ стандардите:
На наше барање, воочувајќи ги низата проблеми и потешкотии со кои се соочуваат граѓаните иматели на ловечко оружје, инициравме да бидеме вклучени во работната група за измени на Законот за оружје, при што сакавме да дадеме сестран придонес да се подобрат состојбите во оваа област, при што дадовме конкретни барања, кои се реални и се во согласност со ЕУ директивите.
Во продолжение ви ги презентираме барањата на ЛФМ до МВР и работната група за измени на овој закон:
1. Муниција за оружје со жлебени цевки да се набавува слободно, само со дозвола за поседување на оружје.
2. Лицата кои имаат дозвола за поседување на огнено оружје од одредена категорија, секое следно оружје од истата категорија да можат да го набават само со лична карта(без одобрение за набавка на оружје од МВР).
3. Постапката за издавање на одобрение за набавување на оружје од денот на поднесување на барањето до крајно одлучување да не биде подолга од 6 месеци.
4. Дозволата за оружје да се продолжува на секои 10 години, за лица постари од 75 години дозволата да продолжува на секои 5 години, а за барањето да одлучува посебна организацина единица(одсек) во одделенијата за оружје на локално ниво.
5. Лицата кои служеле воен рок да не се упатуваат на обука за техничко знаење за правилна употреба на оружје и познавање на прописи на оружје.
6. Да не се одзема оружјето за прекршоци и кривични дела во кои нема елементи на насилство и оружјето не е предмет на прекршокот или кривичното дело.
7. Да се укине електронското полагање за техничко знаење за правилна употреба на оружје и познавање на прописи на оружје.
8. Целосно имплементирање во нашиот Закон за оружје на ЕУ Директивата број 555/2021, без селективен и парцијален пристап.
Господине Алексовски, како се одвиваше работата на работната група?
Првично најголем дел од овие барања беа прифатени, за да на крајот на овој процес, од МВР изготвија т.н. ,,финален извештај”, во кој спротивно на ЕУ дирактивата 2021/555 се нудат решенија крајно штетни за 100 000 граѓани кои поседуваат легално оружје, како на пример:
1. Пререгистрација на оружјето на секои 5 години со лекарско уверение и комплетна постапка како за прво поднесување на барање.
2. Сачмената ловечка муниција и карабинска ловечка муниција да се набавуваат со одобрение од МВР.
3.Оружјето од Ц категорија го префрлаат во Б категорија, се со цел да се избегнат обврските од ЕУ директивата за СЛОБОДНА ПРОДАЖБА НА ЛОВЕЧКО ОРУЖЈЕ И МУНИЦИЈА
4. Одземање на оружјето и за најситни прекршоци СПРОТИВНО НА ЕУ ДИРЕКТИВАТА
5. Евидентирање на ловечки ножеви во евиденција на МВР
6. Безконечни постапки за конечно решавање на барањата, без конкретни рокови и друго.
Дали вака понудените измени на законот за оружје ќе ги прифатите?-Ловечката Федерација на Македонија во никој случај нема да ги прифаме ваквите штетни измени, какви што ги нема во ниту една земја членка на Европската унија и бараме сите политички субјекти во државата да дадат придонес да се стипираат ваквите штетни измени, бидејќи ова е натпартиски проблем и утре сите граѓани кои поседуваат легално оружје ќе се малтретираат по полициски шалтери, ќе молат за одобренија и ќе плаќаат за лекарски уверенија и други документи.
Кои се следните чекори на Ловечката Федерација на Македонија?
Како сериозна организација, во консултација со управниот одбор и експерти од оваа област, напишавме писмо до Министерот Оливер Спасовски, во кое детално ги образложивме аргументите зошто се штетни ваквите измени и неприфатливи за 100 000 граѓани кои имаат ловечко оружје и побаравме средба на претставници на ЛФМ со Министерот.
Ако министерот ве повика, кое ќе биде вашето барање?
Веруваме дека средба ќе има и ќе бараме да се стопираат ваквите штетни измени, работната група повторно да се состане и да се прифатат нашите барања кои се во согласност со Европската директива 2021/555.