Ако Шилегов ја „потопи“ галијата, скопјани ќе платат 1,2 милиони евра

Галијата е приватна инвестиција а Град Скопје нема платено ниту еден денар, реагира Жарко Миленкоски претставник на фирмата инвеститор од Бугарија, од Сервис Емус АД, откако Градот Скопје вчера почна да ја отстранува галијата во Вардар кај „Холидеј ин“.

„Вкупните инвестиции на бугарскиот инвеститор во Македонија се над 40 милиони евра. Инвестицијата во овој брод е над 1.2 милиони евра. Град Скопје нема никакво побарување спрема нас. Ова е приватна инвестиција, Град Скопје нема инвестирано ниту еден денар.

На градот му плаќаме по 1.000 евра месечно за концесија. Сé е платено, не должиме ништо! Не е укината дозволата за поставување на урбана опрема, што значи правниот акт врз основа на кој е поставен бродот, е во сила“, вели Миленкоски во писменото обраќање до јавноста.

Тој информира дека во тек се два судски предмети и дека не може да се урива насила додека нема судска одлука.

„Првиот судија се откажа поради притисокот од Петре Шилегов. Другата судијка не сака да донесе никаква одлука веќе 4 месеци, со што му овозможува на Шилегов своеволно да прави што сака. Сега почнавме постапка кај трет судија и се надеваме дека конечно ќе биде започнат процесот.

Жал ми е што поради незаконското уривање и тврдоглавоста на градоначалникот на Град Скопје, граѓаните ќе треба да платат над 1,2 милиони евра, наместо тие средства да се искористат за подобрување на животот на граѓаните, ќе бидат „фрлени во Вардар” само и само поради предизборен пи-ар. Мора да се стави крај на своеволието и преземање дејства без судски решенија, мора“, вели Миленковски во изјавата.