Во овие тешки моменти за семејствата на починатите во Тетово и за цела Македонија не треба да се бараат оставки ниту смее да се води политичка кампања на сметка на луѓето што заминаа.
Оставки не треба да бараат затоа што оставка е израз на моралните вредности на сите што директно или индиректно носат вина за трагедијата.
Оставка не смее да се случи со барање – давање, со “на ти го – дај ми го” , со математички проценки на политичка штета или корист.
Оставка е длабок личен хуман чин и израз на човечност со која дури и да не сте директно одговорни покажувате солидарност и емпатија со настраданите.
Оставка која што е изнудена под притисок на јавноста не е оставка.
Таа е ПР техника за да се намали политичката штета.
На тие што се одговорни а ноќеска спиеле и сабајле по толку смрт отишле во владата и разговарале за нормални теми не им се бара оставка.
За нив треба да се побара стручна помош.
Моралот или го имате или го немате, не можат да ви го создадат скапи платените пиарџии.
Три причини за оваа колумна.
Владата не смее да натура свои луѓе во истрагата за пожарот. Институциите кои се кабает за трагедијата не смеат да бидат таму каде што се утврдува што се случило и кој е виновен.
“Во оваа насока Владата донесе заклучок со препорака стручните тимови на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за здравство да се стават на максимално располагање на обвинителството во истражните постапки”, објави денеска владата.
Ако тоа се случи јас во таква истрага не верувам и ќе сметам дека е фингирана. Тие што се одговорни не можат да водат истрага која може да ги допре и нив.
Од позиција на власт која ја контролира или влијае на истрагата граѓаните никогаш нема да поверуваат во резултатите.
“Нема зборови за утеха за трагедијата која го погоди Тетово. Сочувство до семејствата и блиските на починатите. Брзо и лесно закрепнување на повредените”, напиша министерката Мила Царовска за трагедијата.
Таа е во право дека нема зборови што може да го опишат пеколот. Но има чекори, лични, морални, човечки кои можат да се направат но ни таа ни нејзините колеги не ги прават. А добро знаат кои се.
“Владата им се заблагодарува на сите држави од регионот, од Европа и од светот, за изразеното сочувство за трагичниот настан и донесе одлука да ја прифати понудата на дел од сојузничките сили во НАТО да испратат во земјата стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги за пожари за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларниот ковид центар во болницата во Тетово”, стои во владиното соопштение по трагедијата.
Со тоа признава дека Македонија по 30 години независност не успеала да одржи барем еден тим со стручни лица со највисок степен на експертиза за пожари кои ќе утврдат што точно се случи во Тетово.
Или владата се плаши дека тие со највисок степен на експертиза се професионалци, ако им се дадат одврзани раце, можат да утврдат дека некој во Владата во Тетово и во голем број други ковид центри направил работи кои не се ниту професионални, ниту морални ниту законски.
Господ нека им е на помош на роднините на загинатите и повредените но и на тие што со лелеците на умрените цел живот ќе мораат да живеат и кога ќе заминат од своите скапи и скапо чувани фотељи на Илинденска.