Лидерот на ГЕРБ и поранешен бугарски премиер Бојко Борисов пред претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вети дека ќе ја поддржат евроинтеграцијата на Македонија ако неговата партија победи на изборите во ноември.

„Ја уверив претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека ако по изборите владее ГЕРБ ќе ги продолжиме нашите политики за проширување на Европската унија кон Западен Балкан. Бугарија треба да го искористи Договорот за добрососедство со Република Северна Македонија како база за постигнување компромис со нашиот западен сосед. Единствено со проширување на ЕУ кон Западен Балкан во регионот ќе има траен мир, одржлив развој и општ просперитет. Нашата одговорност кон идните генерации нè обврзува во тој правец“, напиша Борисов на Фејсбук по средбата со Фон дер Лајен во Љубљана.