Тенисерот Новак Ѓоковиќ порача дека е подготвен „да ја плати цената“ и да не игра на Ролан Гарос и Вимблдон, доколку услоев е да биде вакциниран, бидејќи, според него, принципите се поважни од трофеите кои може да ги освои.
„Да, подготвен сум да ја платам цената и да не играм на Ролан Гарос и Вимблдон. Никогаш не сум бил против вакцинација, имам примено вакцини како дете, но секогаш ја поддржувам слободата на избор, да изберете што ставате во своето тело, изјави српскиот тенисер во интервју за Би-Би-Си.
„ Принципите јас да одлучувам што ќе ставам во моето тело ми се поважни од било која титула и било кој турнир. Сфаќам дека има многу критики и знам дека луѓето излегуваат со најразлични теории за мене. Знам дека милиони луѓе уште се борат со вирусот и ја сфаќам сериозноста на ситуацијата. Колективно се обидуваме да најдеме најдобро решение за крај на пандемијата. Никогаш не сум бил против вакцини, се надевам дека ова наскоро ќе заврши“, вели Ѓоковиќ кој откри и зошто точно бил депортиран од Австралија.
„Бев навистина тажен и разочаран од тоа како завршија за мене работите во Австралија. Не беше лесно да се прифати тоа. Луѓето не ни знаат зошто точно сум депортиран. Таа одлука не е донесена поради тоа што не сум вакциниран или поради погрешна документација за виза. Главната причина беше сфаќањето на министерот за имиграции, ме гледаа како личност која може да покрене антиваксерски сентимент во Австралија, а јас со тоа воопшто не се согласувам“, открива Србинот.
