На денешен ден, на 19 март во 1903 година водачот на револуционерното и народноослободително движење на  македонскиот народ Гоце Делчев ја изврши својата последна акција пред да загине во битката кај Баница на 4 мај истата година.

Гоце имал намера да го разнесе мостот на реката Струма во Демирхисарско, но одбрал друга цел, бидејќи тој мост бил добро обезбедуван. Изборот паднал на мостот на реката Драматица во Драмско, во Егејска Македонија. Мостот на Драматица бил успешно разнесен, како и дел од тунелот. Биле прекинати железничката линија и две телеграфски линии.

Потоа Делчев му пишал на Пејо Јаворов сета акција да ја прикаже во весникот „Слобода или смрт“ како дело на Организацијата, а не како на акција на една чета. Ова најдобро ја покажува сета скромност на Делчев како лидер на борбата за македонската кауза: тој никогаш себеси не се истакнувал на преден план, без оглед што неговите заслуги за Татковината Македонија и за македонскиот народ биле немерливи и бесценети.

Денес кога санстефанско-врховистичката политичка и идентитетска агресија на Бугарија против Македонија го достигнува практично својот врв, 120-тата годишнина од акцијата кај Драматица е уште една пригода да се наврати македонскиот народ на бесмртните и тестаментални пораки на својот Даскал и Апостол Делчев кој е патот на борбата за слобода и национален опстој.

Во февруари 1896 година претседателот на Врховниот македонски комитет врховистичкиот бугарски генерал Данаил Николаев имал средба со Гоце Делчев во Софија. Генералот Николаев истакнал ако дека ако сака Македонската револуционерна организација да добие поткрепа и помош, тогаш Врховниот македонски комитет ќе мора да биде главен раководител на целото македонско ослободително дело и да го има главниот збор по прашањето кога да се крева востанието на македонскиот народ.

Гоце Делчев остро возвратил:  „Ние, селаните, македонското население, народот… нема да дозволиме други да прават политика со Македонија. Нашата борба, тоа е за нас живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога. Кога да се прави востание ќе реши народот. … Знајте, ние не бараме покровители, а уште помалку, господари!“

Во писмото до Ефрем Каранов од 17.10.1895 година Гоце Делчев ги искажува својата тестаментална мисла и заветот и за ова македонско поколение: „Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешно востание. Оној кој мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите.“