Академик Катица Ќулавкова смета дека во Македонија деновиве се збиднува историја а
македонската нација покажува висока историска свест и самосвест.

,,Ретроградниот процес на делигитимација на македонската нација наидува на легитимен отпор. Колку побрзо тоа го сфати домашната политичка „елита“, колку побрзо тоа го испочитува ЕУ и колку побрзо со тоа се помири Бугарија, толку подобро ќе биде за сите. Колку побрзо се повлече ултиматумот, толку побрзо ќе се создадат услови за нормализација на односите. Основно е да се почитуваат легитимните меѓународни конвенции и стандарди”, анализира академикот која смета дека ова што сега се случува е последица на охридското, преспанското и другите сценарија.

Според неа Македонија не смее повеќе да биде преседан, експеримент, жртвено јаре, предмет на колонијалистички и хегемонистички претензии.

,,Со Македонија не смее повеќе да се манипулира политички. Дефетизмот повеќе не е во игра.

Горда сум на македонскиот народ кој, над-партиски, достоинствено и непоколебливо, им се спротивставува на проблематичните дискурси на моќ.

Верувам дека Македонија има капацитет да ја заштити својата сувереност. Македонскиот идентитет не смее да биде предмет на преговори и ревизии. Тој не е вчерашен, не е вештачки, не е туѓ, тој никому не штети, никого не повредува, затоа има право да опстане и да се развива слободно.

Кога се случува историја, на сцена стапува нова историска свест, а таа вели: секогаш има алтернатива! Малите не се немоќни”, порачува Ќулафкова која вели дека слободата не е еднаш за секогаш дадена, таа постојано треба да се освојува! Со ум и со добра мисла!